Македонија
8. January 2021 - 20:00

Филипче: Првите вакцини за Ковид-19 ќе пристигнат до почетокот на февруари и тоа од Ковакс системот

Освен најавата дека до крајот на јануари или почетокот на февруари ќе почне да функционира Ковакс –механизмот на СЗО за дистрибуција на вакцини засега не се знае колку дози од планираните околу 833.000 ќе добие Македонија во првата тура. Министерот за здравство вели дека тоа ќе биде познато после 18 јануари до кога сите држави треба да аплицираат. Филипче се надева дека земјава ќе биде меѓу првите што ќе добијат вакцини преку Ковакс. На почеток ќе се дистрибуираат вакцините на Фајзер, а потоа и на АстраЗенека.

– Аплициравме да бидеме во првата група земји коишто би ги примиле вакцините, согласно со спремноста на нашиот систем во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку центрите за здравје односно здравствените домови. Крајниот рок за апликација е 18 јануари, тогаш сите земји, според евалуацијата на СЗО се спремни, може да аплицираат, останува да видиме кога точно би пристигнала пратката, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Засега е познато само дека во февруари ќе стигнат првите 5850 од нарачаните 800.000 дози од фајзеровата вакцина кои државата ги набавува директно од производителот. Заедно со вакцините кои треба да ни ги обезбедат земји членки на ЕУ според министерот за здравство земјава треба да добие 2 милиони и 400 илјади дози за имунизација на милион и 200 илјади граѓани, односно 60 проценти од населението за создавање колективен имунитет. Кога тоа ќе се случи не се знае.

На изјавата на Филипче реагираа од ВМРО-ДПМНЕ:

„И додека земјите од регионот ја добија или ја чекаат деновиве третата тура на вакцини против корона, Венко Филипче се заплетка со тоа кога ќе стигне или најблаго кажано не го знае терминот за првата тура вакцини.  Дополнително, ни помалку ни повеќе се фали со прва тура од речиси шест илјади вакцини, или како за градови помали од Злетово, или колку за Демир Хисар.И ова се оние први дози од Фајзер“, велат од најголемата опозициска партија.