Македонија
23. July 2019 - 13:11

Филипче: Направени неколку измени во Законот за здравствена заштита

Промена на договорите што ги потпишале специјализантите, дополнителна заработувачка на докторите и тимовите од анестезиолози, сестри и болничарите кои попладне ќе останат да работат, можност пациентите да изберат лекар, укинување на менаџерскиот испит за директори и пензионираните доктори да можат да работат како консултанти доколку тоа го бара институцијата во која работеле, предвидуваат измените на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура, а денеска на средба со новинарите ги презентираше министерот за здравство Венко Филипче.

Измените се изготвени на барање на комори, здруженија, млади лекари и невладини организации.

Во врска со промената на договорите кои ги потпишале специјализантите, Филипче рече дека досега за специјализација од шест години тие требало да одработат 12 години, а според измените, враќањето на специјализацијата во време е еден спрема еден, односно за специјализација од шест години тие ќе треба да одработат шест години.

Тој појасни дека досега имало договори што ги потпишале специјализантите, според кои, тие требало да вратат петкратен или десеткратен износ, односно ако некои специјализации чинеле 12.000 евра, тие требало да вратат до 120.000 евра. Според измената, сега за специјализации од 12.000 евра тие ќе треба да вратат 24.000 евра.

Во врска со измената што се однесува на дополнителната дејност на лекарите, Филипче рече дека досега во матичната институција ако некој сака да избере лекар практично не му важеше осигурувањето.

– Како осигурено лице плаќам осигурување одам на една клиника, сакам да си изберам лекар попладне, да имам преглед или интервенција и плаќам како приватен пациент како да не сум осигуран. Мислам дека тоа е нешто што одеше на рака на приватните болници. Сега дозволуваме да важи осигурувањето и само да се даде ценовник за избор на тимот кој ќе лекува. На овој начин им се отвора огормна можност на докторите и целите тимови, анестезиолозите, сестрите, болничарите и сите што ќе останат попладне за дополнителна заработувачка, а на пациентите да имаат слобода да изберат лекар, истакна Филипче.

Осврнувајќи се на измената со која им се дозволува на пензионираните доктори да работат како консултанти доколку тоа од нив го бара институцијата во која работеле, Филипче додаде дека досега тие не можеле да работат како консултанти во општината во која се пензионирале.