Македонија
25. јуни 2021 - 13:06

Филипче: До 15 јули сите пријавени ќе добијат термин за вакцинирање

Од понеделник во наредните две недели ќе бидат вакцинирани сите граѓани кои се пријавени. Списокот е ревидиран и тие ќе добијат термини и до 15 јули ќе бидат вакцинирани. Стигнуваат вакцини за 300.000 граѓани и има сосема доволен број. Ќе се вакцинираат и наставниците и вработените во образовните институции. Откако ќе се вакцинираат оние што се пријавени, пунктовите ќе останат отворени за вакцинација на граѓаните.

Ова го истакна министерот за здравство Венко Филипче денеска одговорајќи на новинарско прашање, потврдувајќи дека попладне стигнуваат вакцините од Фајзер.

-Списокот е ревидиран, што значи без разлика кога се пријавиле граѓаните, почнувајќи од понеделник сите ќе добијат термин во период од две недели. Од понеделник во следните две недели ќе бидат вакцинирани и најмладите пријавени, но предност ќе имаат постарите, истакна министерот.

Тој додаде дека сите вакцини ќе бидат дистрибуирани. Вакцините на Фајзер ќе бидат дистрибуирани до осумте големи центри за имунизација поради можноста за чување во фрижидерите, а вакцините на Синовак и во големите и во помалите центри.

– Сега стигнуваат вакцини за 300.000 граѓани, а ќе се интензивира и кампањата. Го подготвуваме и системот за теренска вакцинација кој ќе почне на 15 јули, вели министерот кој очекува дека ќе се зголемува свеста за имунизација и дека поголем број од граѓаните ќе се вакцинираат.

Наведе дека засега нема да биде задолжително вакцинирањето, оти таква идеја нема во Комисијата за заразни болести и дека таков пример нема во светот, но оти треба се поголем број граѓани да се вакцинираат.

-Вакцини има сосема доволно, од наредните недели ќе стигнуваат неделно по 70 до 100 илјади и тоа се предвидените количини потебни од јули до почеток на октомври, рече министерот.

Повтори дека се останува на ставот Астра Зенека да се дава само на лица над 60 години и дека сите оние кои добиле Астра Зенека во нашата земја имаат закажан термин за ревакцинација и има обезбедено количина.

-Нема група на граѓани за коишто не е обезбедена ревакцината и во моментот кога вакцината ја примиле. Меѓутоа, засега нема промена во стручниот став. Сепак, Комисијата останува на таа одлука да ја примаат само постарите граѓани, појасни Филипче.

Министерот укажа на тоа дека според последната комуникација летово се останува на ставот во затворени простории да не се одржуваат масовни собири, и дека седница Комисијата ќе има во понеделник.

Директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети оцени дека бројот на заболени се намалува што оди во прилог на почитување на мерките на граѓаните. Забележано е и намалување на бројот на починати.