Македонија
20. November 2021 - 16:45

Филипче: Да им помогнеме на децата здрави и безгрижни да ги остварат своите соништа

 Здравјето на децата секогаш е на прво место. Да им помогнеме здрави и безгрижни, да ги остварат своите соништа, порача министерот за здравство Венко Филипче по повод Светскиот ден на детето.

Министерот во својата објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ потсети на заложбите на Министерството за здравство за подобрување на здравствениот систем во изминатиот период.

-На Клиниката за детски болести реновиравме бројни одделенија – за интензивна нега, за неонатаологија, хематоонкологија, а сега во тек е целосното инфраструктурно обновување на одделението за онкологија каде се лекуваат најтешко болните деца. Воведовме нова бесплатна терапија за децата со ретки болести. На Клиниката за хематологија изминативетри години со алогена трансплантација беа лекувани деца постари од 10 години. Овие деца претходно, за ваков тип лекување се упатуваа во странство, истакна тој.

Додаде дека се набавуваат сензори за мерење на гликемија кај деца, а обезбедивме и најнова инсулинска терапија за децата со дијабет, како и дека унапредувањето на Клиниката за Гинекологија и акушерство спасило многу млади животи.

Министерот информира дека од 2016 година до денеска, смртноста кај предвремено родените бебиња е намалена од 25 отсто на 8,9 проценти, односно за цели 16,1 проценти.