Фудбал
27. January 2017 - 18:04

ФФМ: Ќе се формира одбор на прволигаши

Македонските прволигашки клубови денеска беа на работен состанок во Фудбалската федерација на Македонија, каде што дискутираа за иницијативата на ФФМ за формирање Одбор на прволигаши.
 
Одборот првично би ја имал улогата на советодавно тело на Управниот одбор на ФФМ поврзано со функционирањето на Првата лига, предлозите за евентуална промена на правилникот и пропозициите како и подигнувањето на квалитетот на арбитражата и делегирањето на официјалните лица.
 
„Со евентуалното формирање на Одбор на прволигаши заеднички би ги носеле одлуките во однос на натпреварувањето, т.е. Вие како посебно тело би давале предлози и забелешки пред Управниот одбор на федерацијата. На тој начин, клубовите би го имале најголемото влијание во однос на организацијата на натпреварите, делегирањето на официјалните лица, во однос на термините за натпревари, суспензиите итн. На овој начин или со овој предлог, ФФМ не сака да наметне ново тело кое би функционирало само на хартија, туку напротив, би добиле сериозно фудбалско тело кое би одлучувало заедно со нас за натпреварувањето од Првата лига“, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
 
Сите претседатели на клубовите од Првата лига кои присуствуваат на состанокот (Вардар, Шкендија, Работнички, Шкупи, Брегалница, Ренова, Силекс, Македонија Ѓ.П., Победа и Пелистер) позитивно се изјаснија по предлогот на ФФМ, нагласувајќи дека е многу позитивно што предлогот доаѓа од страна на ФФМ и ова е можност сите клубови да ја искористат поддршката на Федерацијата.
 
На состанокот присуствуваа и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, претседателот на натпреварувачката комисија Васко Дојчиновски, претседателот на судиската организација Емил Божиновски кои се вклучија во дискусија со претставниците на клубовите.
 
Начелно е договорено да се формира работна група со претставници од клубовите и од службите во федерацијата која би го разгледала конкретниот предлог за формирање Одбор на прволигаши, би дале свој предлози и забелешки пред официјално да започне да функционира како посебно советодавно тело на У.О. на ФФМ.