Фестивал „Вардар филм прикажува - македонски филмски класици“ од 8 до 12 октомври во Скопје
Пет исклучително важни филмови кои од 1959 до 1991 година беа создавани под логото на „Вардар филм“ и беа наградени со релевантни признанија ќе бидат прикажани во рамки на првото издание на Фестивалот „Вардар филм прикажува - македонски филмски класици“, кој ќе се одржи од 8 до 12 октомври во киното „Синеплекс“ во Скопје.
Станува збор за дел од најзначајните филмски остварувања создавани во најдобрите и најплодните години на продуцентската куќа „Вардар филм“.
- Љубителите на седмата уметност ќе може да ги видат класиците „Хај-Фај“ во режија на Владимир Блажевски (снимен 1987); „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова '49“ во режија на Столе Попов (1986); „Планината на гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) и „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991), рече денеска на прес-конференција во НУ „Филмски центар Вардар филм“, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Организирањето на овој Фестивал со македонски филмски класици, посочи министерката, ќе биде убава можност да презентираме дел од историјата на филмот на овие простори, но истовремено преку оваа манифестација ќе ги демонстрираме и нашите заложби за негување на филмската култура и сето она што изминатите децении произлезе од најстарата продуцентска куќа во нашата земја.
Потенцира дека „Филмскиот центар Вардар филм“ поседува права за прикажување и дистрибуција на голем број филмови снимени во период од повеќе од четири децении. Според неа, за поздравување е фактот што директорот на „Филмскиот центар Вардар филм“, Димо Попов склучи неколку договори за дистрибуција и прикажување на македонските филмови на телевизиските канали во земјите од регионот.
- Во Програмата на Министерството за култура се наоѓа и проектот за реконструкција и санација на објектот кој го користи „Вардар филм“, со што сметам дека значително ќе се подобрат условите за работа на установата. Избрана е фирма која е почната со работа со однос на проектирање на целокупниот проект за реновирање и реконструкција на објектот. Ќе се обноват 570 метри квадратни кои ќе се адаптираат со современи простории кои се неопходни при продукција на филм, а во рамки на реконструкцијата ќе биде изведено и реновирањето на тонското студио за постпродукција на звук, рече Канческа-Милевска.
Установата „Вардар филм“, нагласи министерката, изминатиот период го збогати својот фундус со многу вредни и значајни реквизити и костими од неколку завршени филмски проекти, како и повеќе од 300 парчиња костими кои претставуват отсликување на одреден период од македонската кинематографија.
- Дел од овој фундус кој има посебна историска вредност наскоро ќе биде дел од музејската поставка која ќе ја поставиме во Кинотеката на Македонија во која ќе биде претставен значаен дел од богатата филмска историја на нашата земја. Поставката ќе биде завршена следната година и ќе биде промовирана во рамки на јубилејот кој го има Кинотеката на Македонија - 40 години од постоењето на оваа наша институција, додаде министерката Канческа-Милевска.
Попов истакна дека склучиле договори за прикажување на филмовите од „Вардар филм“ во земјите од регионот, ги поставиле на платформата на еден од поголемите оператори и ќе бидат достапни на нивната платформа. Се охрабривме, укажа Попов, од тоа дека имаме публика за овие филмови.
- Извештаите од операторите од регионот покажуваат дека овие филмови имаат добар рејтинг. Како филмски работник уверен сум дека тие во себе содржат одредено ниво на емоција и историски и продукциски квалитет. Изминатиов период на десетина филмски продукции им помогнавме - им обезбедивме простор, реквизити и опрема. Причината за постоењето на оваа установа би ја дефинирал како намалување на трошоците при филмска продукција во Македонија и се што е во насока на снимање поевтини односно поисплатливи продукции и обезбедување квалитетни технички услуги, додаде Попов.
Претставникот на Синеплекс, Кети Кочкова рече дека билетите за филмовите ќе чинат 100 денари.
Ново на Сител
-
Реформа на администрацијата
-
Средба Сиљановска – Филипче
-
Тема на денот со Александар Николовски, министер и потпретседател на ВМРО ДПМНЕ
-
37 години чекала бебе – скопјанка за прв пат роди на 61 и е највозрасната прворотка во Македонија
-
Средба Сиљановска - Филипче
-
Борисов се откажува од премиерската позиција, со олеснување ќе го врател мандатот
-
Европската Унија му донираше еколошки автобуси на ЈСП
-
Најголем дел од банките ќе се вклучат во владиниот проект за унгарскиот кредит