Македонија
22. August 2021 - 16:35

Фестивал на млади уметници

Во Прилеп започна мултимедијалниот фестивал насловен како „Цело е кога се има 30“ по повод 30 години независност на Македонија. Фестивалот се состои од серија настани со кои што ќе се претстави континуитетот и трајноста на современа македонска уметност, литература и култура, и ќе се изврши реактуализација на културното наследство од 1945 година до 80-тите години. Проектен менаџер на фестивалот е Звонко Димоски, а проект е во продукција на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп.

„Фестивалот е конципиран со цел да промовира млади артисти да иима влијание на децентрализацијата на културата во Македонија и да го освежи културното живеење на нашиот град“, вели Звонко Димоски, проектен менаџер на Фестивалот.

Фестивалот го отворија „X Squared Dance Collective“ со танцовата претстава „Парадоксот на Диоген“, работена по мотивите на истоимената драма на Томе Арсовски, а прилагодена на музика на Тодор Скаловски.

„За прв пат се обидовме јас и Бобан како кореографи и режисери на ова дело да експериментираме малку со танц театарот односно уклучивме и текст“, рече Јована Зајкова, „X Squared Dance Collective“.

Веднаш по овој спектакулерен настап следуваше концертна промоција на албумот „Апокриф“ на Добрила Грашеска и Дориан Дуо.

„Вакви одблесоци или изблесоци на музика или уметност најчесто остануваат на маргините. Меѓутоа организаторот се потруди вечерва тоа што е на маргините, а кое што е навистина вредно да го донесе и пренесе тука. Всушност не станува збор само за културен настан во Прилеп, туку Прилеп како културен момент во Македонија и во Европа“, изјави Добрила Грашеска, музичар.

Организаторите мораа да ги почитуваат сите новозададени протоколи за заштита од корона вирусот.

„Сите посетители во салата се или со сертификат или со една доза примена вакцина или со сертификат за прележан ковид не постар од 45 дена“, истакна Саша Нацевски, училиште за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп.

Фестивалот ќе трае до 5 септември и тој е единственото големо културно случување оваа година во Прилеп, а дел од настаните ќе се одржат и во Крушево.