Бизнис
26. јуни 2018 - 22:07

"Фер со потрошувачите" нов сертификат за компаниите

За прв пат во Македонија компаниите ќе може да се стекнат со сертификат „Фер со потрошувачот“. Сертификатот ќе се добива за имплементиранa фер трговска практика. „Фер со потрошувачот“ е заснован на стандардот ISO 26000. „Сертификатот ќе се издава од страна на 11 граѓански организации ширум Македонија, а носители на проектот се Асоцијација Зенит, Организација на потрошувачи на Македонија и здружение Креација.

„Потрошувачите кога ќе видат знак „Фер со потрошувачот“ истакнато во просториите или производите на некоја компанија можат да бидат сигурни дека таа компанија ќе се грижи да ги заштити нивните права доколку настане проблем  било со користење на производот или услугата дека ќе има постапка за спогодбено решавање, за да се задоволии интересот на двете страни“, рече Александар Николов, Асоцијација Зенит.

Секоја од сертифицираните компании ќе добие и софтвер за управување со поплаки од страна на потрошувачите и бесплатен план за подобрување на односот кон потрошувачите.

„Оние компании кои имаат фер трговска практика ќе имаат теренски верификатор кој што ќе ги анализира компаниите и доколку некои критериуми се исполнети околу 50 до 60 % тогаш таа компанија ќе се сертифицира“, рече Мартина Билјароска, НВО АГТИС.

Првите 46 компании од Македонија бесплатно ќе се стекнат со овој сертификат. Во иднина тој ќе се наплаќа.

„Јас очекувам дека на почетокот бројот нема да биде масовен но кога ќе се пренесе искуството од самото сертифицирање и искуството од тој програм мислам дека и сите други компании би го следел примерот. Особено тоа што надоместокот за тоа е минорен секој мислам дека би сакал да биде дефиниран дека ги почитува правилата воспоставени помеѓу купувачот и добавувачот“, изјави Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

Се очекува првите сертификати да бидат поделени во текот на летото.