Свет
12. March 2017 - 8:33

Федерален обвинител во Њујорк сменет откако одби да поднесе оставка

Федералниот обвинител од Њујорк Прет Барара, е сменет од функцијата откако одби да поднесе оставка, како што тоа го побара министерот за правда и главен државен обвинител Џеф Сешенс, јавија американските медиуми.

- Не поднесов оставка. Пред малку ме сменија, напиша Барара на својата страница на Твитер.

Обвинителот претходно бил замолен од претседателот Доналд Трамп да остане на својата функција, кога тие двајцата се сретнале по изборите во ноември. Но во петокот, Барара се најде на списокот од 46 обвинители, поставени од претходниот претседател Барак Обама, за кои новата американска администрација побара да се повлечат.

Ставањето на овој обвинител на списокот, американаките медиуми го протолкуваа како изненадување, затоа што Барара во ноември изјави дека прифатил да остане на функцијата, откако бил замолен од Трамп.
Тој е познат во пошироката американска јавност по покренувањето на неколку големи случаи на корупција, како и против банкари од Вол Стрит.

Како федерален обвинител го доби случајот во судскиот процес во вредност од 1,8 милијарди долари, против хеџ- фондот САК Капитал Адвајзерс, што се означува како најголем во американската правна историја.

Веднаш по судењето и наложената казна, хеџ-фондот банкротира и пропадна.

Барара има обвинувано конгресмени и од двете американски партии на демократите и републиканците.

Еден од неговите последни случаи пред сменувањето е истрагата околу фондовите на градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио.