Свет
10. February 2017 - 16:09

Фалон: Двете британски воени бази на Кипар се поважни од кога било претходно

Британскиот министер за одбрана, Мајкл Фалон, денеска изјави дека двете воени бази, што неговата земја ги има на Кипар, „се поважни од кога било порано“, имајќи ја во предвид нестабилната ситуација во блиската Сирија.

Во првата официјална посета на островот, од кога се наоѓа на функцијата министер за одбрана, Фалон истакна дека британските воени авиони „Торнадо“ и „Тајфун“, кои се стационирани во британската ваздухопловна база „Акротири“ на Кипар, во изминатите две години извршиле 1.200 напади врз припадниците на Исламска држава во Сирија и Ирак.

Фалон порача дека силите на коалицијата годинава ќе имаат за цел да зададат „одлучувачки удар“ врз Исламска држава, се наведува во транскриптот од неговите коментари што ги обезбеди кипарското Министерство за одбрана.

По средбата со кипарскиот претседател Никос Анастасијадес, тој изјави дека Велика Британија има намера со Кипар да ја прошири постојната програма за соработка во областа на одбраната, за во неа да се вклучат и поморската и воздухоловната безбедност.