Македонија
27. October 2017 - 10:12

ФАДФ „Камера 300“-Битола: Гран при за британскиот аматерски филм „Пофалба за црвената телефонска кутија“

Меѓународното жири на фестивалот на аматерски документарен филм „Камера 300“ одлучи највисокото фестивалско признание, наградата Гран при и плакета „Милтон Манаки“ да ја додели на авторот Џејмс Калмерс од Велика Британија за аматерскиот филм „Пофалба за црвената телефонска кутија“.

Од ФАДФ „Камера 300“-Битола информираат дека вечер на свеченото отворање на фестивалот што ќе се одржи во НУ Центар за култура-Битола, ќе бидат доделени златна „Камера 300“ која му припадна на Радован Ѓериќ од Србија автор на филмот „Село во срцето на градот“, сребрена „Камера 300“ ќе добијат Драго Латиновиќ и Илија Галоња, исто така, од Србија, додека бронзена „Камера 300“ годинава доби македонскиот автор Петре Чаповски за филмот „Виолинист“.

Меѓународното жири предводено од Стефан Сидовски, а во кое учествуваа и Мишо Нетков, како и гостите од странство Станимир Трифонов од Бугарија, Јосип Гроздановиќ од Хрватска и Владимир Анѓелковиќ од Србија одлучија златниот медал на УНИКА да му припадне на Томе Љушев автор на аматерскиот непрофесионален документарен филм „Страсна недела – Бигорски манастир“, плакета за најдобра камера на Милан Живковиќ од Србија, плакета за режија „Драги Савевски“ на Горан Поповски автор на филмот „3Р 3Р“, плакета за монтажа на гостинот од Германија Оскар Георг Шиберт, плакета за идеја доби Јосеп Рота од Шпанија, а плакета за репортажа ќе му биде доделена на Диме Талевски автор на документарните филмови „Манастир Св. Марина“ и „Колешински водопади“.

-Стручното жири одлучи годинава да додели и неколку специјални награди и тоа на општинското основно училиште „Христо Узунов“ од Охрид за посебен придонес во аматерскиот документарен филм, потоа на Оливера Грујевска за поетскиот израз во аматерскиот филм „Носталгија за едно време“ и на Валентин Иванов и Стефан Николајев од Бугарија за континуирано учество на фестивалот во Битола, потврди Стевче Хаџиантоновски, директор на ФАДФ „Камера 300“.