Македонија
5. November 2015 - 13:49

Европска есенска економска прогноза: Македонија догодина со трет најголем раст на БДП во Европа

Република Македонија ќе има трет најголем економски раст идната година во Европа, објавено е денеска во есенската економска прогноза на Европската комисија. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, со раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,5 проценти, македонската држава во 2016 година ќе се најде единствено зад Ирска, на која и се предвидува раст од 4,5 отсто на БДП, односно Романија (4,1%), а рамо до рамо со Полска, која исто така, според предвидувањата на неформалната Влада на Еворпската унија, ќе има раст од 3,5 проценти на БДП.

Со наслов „Несигурностите ги успоруваат изгледите за пошироко-базиран раст на БДП”, Еврокомисијата во денешната есенска економска прогноза за Македонија наведува дека „Домашните и надворешните несигурности имаат негативно влијание врз инвестициската активност, што доведе до забавување на растот на БДП во првата половина од годината”. Тоа, и покрај најавите во пролетната економска прогноза на Комисијата дека Македонија ќе има најголем раст на БДП во Европа, значи дека политичката криза влијаела за намалување на економскиот раст, но не придонесе за крах на македонската економија.

- Поддржани од силните директни странски инвестиции за раст на извозот, странската рамнотежа позитивно придонесе за пораст на производството. Движејќи се напред, домашната побарувачка, поттикната од домашните трошоци и трошоците за јавната инфраструктура, најверојатно, ќе останат единствен двигател на растот. Севкупно, економијата е проектирана да се шири со поумерено темпо од очекуваното порано, се наведува во прогнозата за Македонија.

Во конкретното образложение за македонската економија, ЕК наведува дека растот на БДП во 2015 година бил успорен поради несигурностите во земјата што ги задржале инвестициите, па затоа сеп редвидува максимум економски раст годинава од 3,2 отсто што исто така ја прави Македонија една од земјите со најголем економски раст во Европа и за оваа година. Сепак, според Брисел, влошувањето на домашната политичка клима во првата половина од годината, и несигурната ситуација во Грција оставиле свој белег врз довербата на инвеститорите во првата половина од годината.

- Откако БДП-то се зголеми солидно во првиот квартал (3,2%), растот забави во вториот квартал (2,6%) поради падот на бруто-инвестициите (7,6%). Индустриското производство досега разочарува оваа година, со оглед на слабите резултати во областа на производството што е  над три четвртини од индустриската структура. Трошењето на владините инвестиции, исто така, падна, на годишно ниво, но сепак новите инвестиции од странство имаа пораст од 4 проценти на годишно ниво во првите седум месеци, наведува Комисијата за Македонија.
 
Понатаму, во објаснувањето за прогнозата за македонската економија, ЕК наведува дека потрошувачката на домаќинствата имала понатамошни придобивки во првата половина на годината, на околу два процента, со тоа што реалната нето плата продолжила со својот стабилен пораст, имајќи полза од дефлационата средина, како и од номиналниот раст на платата. А, во однос на јавната потрошувачка, неформалната Влада на ЕУ вели дека истата се зголемила силно од пролетта, што делумно се должи на домашната криза, при што “Владата ги зголемила јавните плати и набавката на стоки и услуги, но исто така и за сметка на порастот на трошоците за трансфери пред изборна година”.
 
Скок во извозот забележува ЕК како резултат на новите капацитети од директни странски инвестиции, што обезбедило важен притисок за раст, а обемот на увозот имал умерен раст, главно како резултат на пониските цени на енергијата, и покрај зголемувањето на увезените машини, опрема и суровини за странските инвестиции.
 
- Сè на сè, нето-извозот направи позитивен придонес во растот во првото полугодие, се вели Еврокомисијата за македонската економија.
 
Неформалната влада на ЕУ наведува дека домашната побарувачка веројатно ќе остане единствена двигател на растот во Македонија, па во прогнозата вели дека оваа и следната година, во светло на продолжените силни трошоци за инвестиции во јавната инфраструктура, бруто-фиксниот капитал веројатно нема да стигне до импресивна стапка на раст од 2014 година. Сепак, Комисијата наведува дека со обновување на поттикот на градежната индустрија во текот на летото, што претставува зголемување во годишниот раст на увезените стоки за инвестиции, како и покачувањето на капитални расходи на Владата, инвестициската потрошувачка се очекува да остане стабилна во просек за целата 2015 година, како и догодина.
 
- Личната потрошувачка се очекува да се одржи добро, поддржана од стабилната експанзија на можностите за кредит и од страна на цврстите основи за зацврстување на расположливиот приход, како и постојаните приватни трансфери од странство и натамошното очекувано подобрување преку поединечни случаи на пазарот на трудот, вели Еврокомисијата за Македонија.
 
Годишниот раст на вработеноста, според ЕК, може да се зголемува и понатаму и тоа како што наведува „преку создавање на работни места во индустриските зони кои се очекува да останат цврсти во блиска иднина, со неколку нови погони на директните странски инвеститори што треба да започнат со производство во 2016 година”. Ако во 2012 година Македонија имала 31 процент невработеност, годинава, според официјален Брисел, во македонската држава ќе има 27 отсто невработеност, догодина се очекува намалување на оваа стапка на 25,7 проценти, додека за 2017 година, оваа стапка се очекува да се намали дополнително за еден процент до 24,7 отсто. Тоа значи зголемување на вработеноста во Македонија, Европската комисија предвидува од речиси седум отсто за период помал од пет години.
 
- Новите вработувања се поддржани и од неодамнешното зголемување на субвенционираните програми во јавниот сектор. Растот на личната потрошувачка е потпомогнат од бенигните цени на животната средина. Дефлацијата веројатно е пред крај, а потрошувачките цени ќе бидат зацврснати за малку во блиска иднина. Ова ги одразува некои од очекувани зајакнувања на надворешната побарувачка, како и стабилизирањето на глобалните производи и цените на храната, прогнозира ЕК за Македонија.
 
Сепак, според неформаланта Влада на Унијата, нето-извозот на македонската држава, најверојатно, ќе остане мала препрека за растот на БДП и покрај очекувањата за натамошен робустен раст на извозот, особено како резултат на зголемувањето на странските директни инвестиции и производствените капацитети. Увозната побарувачка во врска со јавните и странските директни инвестиции, како и увозот на стоки за широка потрошувачка, се предвидува да останат да плутаат, а несигурностите што произлегуваат од изгледите во големите земји-трговски партнери, како и можната пречка во приливот на странските инвестиции се очекува да претставуваат надолни ризици за ова сценарио.
 
Комисијата изразува загриженост за фискалната консолидација и за тоа дека одржливоста на долгот се зголемува во Македонија. Притоа, се вели дека “властите остануваат посветени на постигнувањата на општиот владин буџет дефицит под три проценти од БДП до 2017 година, што се совпаѓа со денот на влегувањето во сила на планираниот уставен долг и плафонот за дефицит”.
 
Сепак, среднорочната фискална стратегија на македонската Влада, според Брисел се чини премногу оптимистичка во светло на последните случувања. Со ребалансот на буџетот за 2015 година се предвидува значително зголемување на трошоците за јавна потрошувачка, како и пренесените средства и ЕК вели дека тоа го наметнува за цел фискалниот дефицит за оваа година. Предлог-буџетот за 2016 година, која се влеи дека ќе биде изборна година, а кој предвидува зголемување на вкупните расходи за речиси пет отсто во номинални услови, според Еврокомисијата предвидува дополнителни зголемувања на пензиите, социјалните трансфери и платите во јавниот сектор.
 
- Во двете години, веројатно е дека општиот владини дефицит ќе расте повисоко отколку што се очекуваше претходно. Со амбициозниот распоред на јавни инфраструктурни работи, потребите за финансирање на Владата и на државните претпријатија, особено на Јавното претпријатие за државни патишта, најверојатно ќе остане високо. Згора на тоа, ефикасноста на наплата на јавните приходи останува на ниско ниво, пресвртот во приходите во првата половина на 2015 година се должи на годишнио пораст на приходите од данокот на добивка и е резултат на неодамнешното отстранување на исклучоците за реинвестирана добивка. Ова веројатно нема да се повтори во оваа големина во текот на идните години - предвидува ЕК за Македонија.
 
Оттука, на краток и среден рок, според неформалната Влада на Европската унија, фискалниот стимул од зголемените тековни расходи и од робусниот капитал на трошење најверојатно ќе продолжи, но дека ќе и направи да и биде потешко на Владата да се придржува кон консолидациската патека. Дефицити, исто така, го водат општото ниво на државниот долг, кој се предвидува да се зголеми над 40 проценти од БДП во блиска иднина, односно веќе од следната година.
 
Севкупно, ЕК предвидува дека нивото на јавниот долг на Македонија, кој го вклучува и државно-гарантираниот долг на претпријатијата во државна сопственост може дури и да надмине 50 отсто од БДП и тоа на сметка на континуираните финансиски потреби за големите јавни инфраструктурни проекти менаџирани надвор од владиниот буџет. Сепак, тоа е далеку помалу од поставениот лимит од 60 отсто долг на БДП на европско ниво од страна на Европската унија, кој за споредба изнесува 106 отсто во Белгија, 199 проценти во Грција, односно 87,1 отсто на ниво на цела ЕУ.
 
Инаку, она што ја изненади Унијата е податокот дека Грција, поради политичките превирања годинава и проблемите околу Третиот финансиски пакет со меѓународните кредитори за спас на економијата, ќе остане во рецесија од минус 1,4 проценти на БДП, како и догодина (-1,3%), со што ќе биде единствена земја на “стариот континент” што уште две години ќе биде во рецесија. А, ако за Македонија годинава се предвидува раст на БДП од 3,2%, догодина од 3,5%, а во 2017 година исто така од 3,5%, тогаш цела Европска унија, годинава се очекува д аима раст од 1,9%, а идната година и во 2017 година да оствари раст од 2,0 и 2,1 проценти.
 
Она што е интересно е дека во 2016 година, Брисел предвидува Македонија да има помала невработеност (25,7 проценти) од Грција (25,8%), додека на ниво на ЕУ, невработеноста се очекува да изнесува 9,5 проценти.
 
- Денешната економска прогноза покажува дека економијата во Еврозоната продолжува со модерирано опоравување. Во 2016 година, ние очекуваме растот да се зголемува, а невработеноста и фискалниот дефицит да паѓа, но се уште нема јасно напредување на економски план, порачаа еврокомесарите за евро и за економски и финансиски прашања Валдис Домбровскис и Пјер Московиси.