Македонија
18. December 2019 - 18:00

Европратеници бараат одлука за старт на преговорите со земјава пред изборите

 

Европратеници членови на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – ЕУ побара одлуката за почеток на пристапните преговори со Македонија да биде донесена пред изборите во земјава, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент во Комитетот, Андреас Шиедер нагласи дека во моментов Унијата има историска улогата „да им дозволи на младите генерации од Македонија да станат полноправни членови на ЕУ, бидејќи една генерација е веќе загубена“.

– Нема друга алтернатива, порача тој на заседанието на Мешовитиот парламентарен комитет.

Бугарскиот европратеник Александер Јорданов побара ЕУ да реши за датумот за старт на преговорите за членство пред изборите во Македонија, со што „ќе се смират граѓаните на земјата“.

Пратеникот Бетиане Китев изрази благодарност до европратениците за усвојувањето на ургентната Резолуција на Европскиот парламент по француското вето за почеток на преговорите, со што ја потврдија нивната поддршка за проширувањето.

Грчкиот европратеник Лефтерис Николау-Алаванос, од редовите на Грчката комунистичка партија, истакна дека според принципот на неговата партија, тој е против членство не само на Македонија, туку и на Грција во ЕУ и НАТО, бидејќи „од членството во овие организации најмногу страда народот“. Тој даде и свое толкување за ветото на Париз за проширувањето, кое според анализата на неговата партија, се должи на фактот дека француските компании не биле „добро укотвени“ во регионот.

Заменикот министер за надворешни работи Андреј Жерновски во обраќањето пред Мешовитиот комитет потсети дека Европскиот парламент секогаш било силен поддржувач на евроинтегративните процеси на Република Македонија и придонесувало во развојот на соработката меѓу Собранието и Европарламентот.

Заблагодарувајќи им се на членовите на Комитет, Жерновски истакна дека Владата е горди на постигнатото и перспективите кои ги отвори за Република Македонија.

– Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех е гаранција дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби, порача Жерновски.

Тој притоа истакна дека во изминатата година земјава успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели – членството во НАТО и во ЕУ.

– Очекуваме валоризација на постигнатото. Ние сме повеќе од подготвени за преговори за членство во Европската унија. Дебатата за нова методологија за процесот на проширување ја прифаќаме со отворен ум, ние поддржуваме поголема контрола и надзор во спроведувањето на реформите. Меѓутоа, тој процес може и мора да се одвива паралелно со отворањето на преговорите, истакна Жерновски.

Жерновски нагласи дека Резолуцијата на Европскиот парламент донесена на 24 октомври, веднаш по октомврискиот Самит на ЕУ и посетата на претседателот на Европарламентот, Давид Сасоли на Македонија, и даде силно охрабрување на земјава дека европските врати не и се затворени и испрати силен сигнал до Европскиот совет да ги одржи ветувањата и прашањето за започнување на пристапните преговори да го врати на својот дневен ред.

Тој оцени дека неможноста на Советот на ЕУ да донесе одлука во октомври за започнување преговори беше очигледно разочарување и создава атмосфера на неизвесност и непредвидливост на перспективата на ЕУ и поттикна потрага по алтернативи за членството во ЕУ, со што „се испрати лош сигнал до Регионот со поттикнување на регресивните и националистичките политички сили“.

Најважно, според него, е што за во моментот сите земји членки заедно со Франција потврдија дека крајната цел е целосно членство на сите земји од нашиот регион во ЕУ, но процесот на проширување треба да обезбеди еднакво ниво на игра за сите земји кандидати со примена на исти принципи, со што ќе се овозможи продуктивна конкурентска реформа.

Заменик министерот за надворешни работи изрази надеж дека Еврокомисијата во јануари ќе излезе со својот предлог како да се одржи и забрза процесот на пристапување и може да подготви краток преглед на состојбата со реформите, со верување дека овие два процеса може да одат паралелно и „да кулминираат во Европскиот совет во март“.

Само во тој случај, според Жерновски, Самитот во Загреб во мај може да послужи како обединувачки стратешки настан и место за обнова на европската пристапна перспектива за целиот регион на Западен Балкан.

– Не е лесно да се продолжи, но нема алтернатива. Убедени сме дека нашите достигнувања и фокусот на идните испораки покажуваат зрелост, потенцира тој.
Откако накусо ја претстави состојбата во земјата и клучните реформи на кои се работи, Жерновски како заклучок потенцира дека била потребна огромна политичка енергија за да се одговори на гладот на општеството за правда и да се врати кредибилитетот на земјата кај нејзините партнери.

Одлучувачки фактор, според него, не треба да биде дали земјите од Западен Балкан успеваат да ги исполнат сите услови совршено, туку е поважно тие да станат подемократски во наредните години и да преземат борба против популизмот и национализмот.

– Ова е она што е важно е дека ги научивме лекциите од нашето минато и напредуваме во процесот на ЕУ посилно од кога било. Ние сакаме да создадеме демократска земја на можности, фер општество, заедница на просперитет, каде што правилата на законот гарантираат правда и каде ќе бидеме безбедни. Приклучувањето во семејството ќе значи поголема стабилност за сите нас и поголем просперитет дома. Знаеме, дека има уште многу долг пат, потенцира Жерновски.

Покрај Жерновски пред членовите на Мешовитиот парламентарен комитет за време на дводневното заседание ќе се обратат и првиот човек на Одделот во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување Дејвид Кулен, шефицата на Одделот за Западен Балкан при Европската служба за надворешни работи Елза Фенет и постојаниот известувач на Европарламентот за земјава Илхан Ќучук.

Инаку, Жерновски во рамки на престојот во Стразбур, оствари средби европратеници Илхан Ќучук (Бугарија), Тонино Пицула (Хрватска), Ирена Јовева (Словенија), Стелиос Коулоглу (Грција) и Жељана Зовко (Хрватска).

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет ја сочинуваат нејзината претседателка Соња Мираковска и пратениците Бетиане Китев, Жаклина Лазаревска, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати.

На крајот на состанокот утре се очекува да бидат усвоени Завршни препораки, кои ќе бидат упатени до институциите на земјава и на Европската унија. Во Препораките се нотира значителниот напредок на државата во однос на реформскиот процес и со жалење се констатира неможноста на земјите членки да донесат едногласна одлука за започнување на преговори со Република Македонија и ги повикува да покажат одговорност кон нашата земја со донесување на позитивна одлука не подоцна од март наредната година.