Балкан
18. February 2025 - 10:21

Еврогрупата го поддржува влезот Бугарија во Еврозоната откако ќе ги исполни поставените критериуми

Еврогрупата ја поддржува амбицијата на Бугарија за остварување на целта за воведување на еврото како замена за левот, кога за тоа ќе дојде време, порача ирскиот министер за финансии и претседавач на Еврогрупата, Паскал Донохју.

– Ги цениме тековните напори на Бугарија и нејзината посветеност кон економската стабилност и конвергенција со Еврозоната.

Продолжуваме да го следиме нејзиниот напредок кон целта за приклучување кон Еврозоната, изјави синоќа Донохју по завршувањето на средбата на Еврогрупата, што ја сочинуваат министрите за финансии на земјите членки на ЕУ што го користат еврото како национална валута.

Донохју додаде дека откако Бугарија ќе оцени дека е подготвена да поднесе барање за прием во Еврозоната, институциите ќе треба да проценат дали се исполнети сите критериуми за да се гарантира успешна интеграција на земјата во Зоната на еврото.

Еврокомесарот за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување на правото на ЕУ, Валдис Домбровскис оцени дека Бугарија постигнала дополнителен напредок кон исполнување на критериумот за стабилност на цените, кој беше единствениот што не го исполни според извештајот за конвергенција за 2024 година.

– Ќе продолжиме внимателно да ги следиме инфлациските движења во Бугарија.

Ги охрабруваме бугарските власти да одржуваат здрави финансии и со нетрпение очекуваме наскоро да го добијат својот прв среднорочен фискален структурен план, рече Домбовски.

Тој додаде дека на заседанието на Еврогрупата, бугарската министерка за финансии Теменужка Петкова ги уверила своите колеги дека Бугарија ќе ги изврши неопходните законски измени поврзани со независноста на бугарската централна банка и дека ќе биде постигнат натамошен напредок во однос на обврските што ги презеде земјата при пристапувањето кон европскиот механизам за девизна размена ЕРМ-2.

– Сметаме дека Бугарија ќе ја помине оваа последна милја. Комисијата ќе продолжи да ги поддржува напорите и подготовките на Бугарија за прифаќање на еврото, додаде Домбровскис.

Пред почетокот на состанокот, Домбровскис порача дека зачленувањето на Бугарија во Еврозоната во 2026 година останува реална цел, но дека земјата има да се заврши уште работа.

Главен проблем за прием на Бугарија во Еврозоната е што инфлацијата е повисока од референтната вредност за максимално ниво на инфлациската стапка утврдена со критериумите од Мастрихт, кои предвидуваат дека „просечната стапка на инфлација регистрирана во периодот една година пред една земја да аплицира за прием во зоната на единствената валута, не смее да биде повисока од 1,5 отсто од просекот на трите земји членки со најдобри перформанси во однос на стабилноста на цените“.

Минатиот месец Бугарија успеа да ја сведе инфлација на 2,6 отсто, со што го надминува мастришкиот критериум за само 0,03 процентни поени.

Во меѓувреме, гувернерот на централната Бугарска народна банка (БНБ), Димитар Радев повика институцијата да биде заштитена од политички притисок.

– Ги повикуваме Парламентот и другите надлежни институции со сите средства да го заштитат правото на БНБ и другите независни институции во остварувањето на својот законски мандат без политички притисок, соопшти на БНБ.

Бугарската националистичката проруска партија Преродба, која е четврта по големина сила во бугарското Собрание, обвинува дека БНБ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се подготвуваат да „ги фалсификуваат“ податоците за економските перформанси, за да се прикаже дека Бугарија ги исполнува критериумите за влез во Еврозоната.

Минатата недела и вработени од бугарскиот Национален статистички институт се пожалија дека од активисти на Преродба добивале закани со слични обвинувања.

Партијата досега не презентира докази за своите тврдења за „фалсификување“ на статистичките податоци за буџетот и состојбата на бугарската економија.

Бугарија има амбиција да стане членка на Еврозоната од 1 јануари 2026 година.