Македонија
6. August 2019 - 16:21

Евробарометар открива пад на довербата во ЕУ

Македонците ја губат довербата во Европската унија. Најновото истражување на Евробарометар покажува дека 57% од македонските граѓани имаат доверба во унијата, што е пад од 6 % во однос на минатата година.

Сепак, 68 отсто од граѓаните сметаат дека зачленувањето во ЕУ ќе биде добро за земјава, а 72% се со став дека Македонија ќе има корист од членството во евроспкото семејство.

Ваквите контрадикторни бројки според директорката на институтот за Европска политика не се ништо ново и невообичаено. Симонида Кацарска вели дека овие бројки се должат на заморот од годините минати во чекалната на унијата, но тоа може да се промени со добивањето датум за отпочнување на преговорите во октомври.

Истражувањето на Евробарометар е спроведено во сите 28 земји членки на унијата и петте земји кандидати. Бројките покажуваат дека најголеми скептици за проширувањето на ЕУ и натаму остануваат Холандија, Франција и Германија. Токму овие држави Македонија треба да ги убеди дека е подготвена за членство во европското семејство преку конкретни реформи ско земјава сака во октомври за да добие позитивна одлука.

Анкетата на Евробарометар покажува дека економската состојба и невработеноста се двата најголеми проблеми за македонските граѓани. Подобрување на општата ситуација во следната година очекуваат само 28 проценти од граѓаните, додека 40 отсто не очекуваат никаква разлика.

Според истражувањето за 3% е порасната и довербата на граѓаните во клучните државни институции. 33% и веруваат на Владата, а 31 отсто на Собранието. Довербата на граѓаните во политичките партии е само 20%.   

Истражувањето на Евробарометар е спроведено според методологијата лице во лице, во периодот од 12 до 26 јуни годинава. Со анкетата во земјава биле опфатени 1017 граѓани.