Македонија
2. December 2022 - 16:34

ЕВН најави дека ќе ја исклучи струјата на Клинички, на список за исклучување се и МЖ, затвори, судови и факултети

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и МЖ Транспорт би можеле да останат без струја. Поради милионски долгови кон ЕВН, компанијата им испратила предупредување дека може да останат во мрак.

- Клинички центар и МЖ Транспорт ги исполнуваат условите за исклучување како крајна мерка, по претходно искористување на сите правни законски можности. Даден им е рок за доставување на банкарска гаранција. Истекува за две недели, а веднаш после тоа може да бидат исклучени, велат од ЕВН.

Клинички должи околу 7, а МЖ Транспорт 6 милиони евра. Но, во фактурата на столбот на македонското здравство има долгови кои ги направил и ГОБ „8 Септември“.

Според информации на Сител, следната недела здравствените власти ќе преговараат со ЕВН за да се надмине ситуацијата и да не се дозволи Клинички да остане без електрична енергија. Но Клинички не `и должен само ЕВН. Извори за Сител велат дека најголемата здравствена установа во државата должи 2 милиони евра за вода и уште 4 за гас.

Според Министерството за здравство, наталожениот долг е последица на пандемијата од Ковид. Здравство изготвило план за рационализација на сметките и веќе им дало насоки на здравствените установи.

- Согласно информациите од Фондот за здравствено осигурување, во тек е комуникација со клиниките и се бара начин како да се надополнат буџетите, со цел да се подмират долговите. Досега 24 здравствени установи имаат потпишано договор со ЕСМ Продажба и тие веќе добиваат електрична енергија по многу поповолна цена, велат од Министерството за здравство.

Сепак, премиерот Ковачевски во изјава за Сител уверува дека „Мајка Тереза“ нема да остане без струја.

- Државата мора да ги помогне финансиски. Клинички не смее да остане без струја, рече Ковачевски.

Побаравме одговори и од МЖ Транспорт дали имаат „план Б“ доколку ЕВН ги исклучи од системот, а најавија дека ќе се изјаснат дури во вторник.

Според информации на Сител, и други институции како затвори, судови и факултети можат да останат без електрична енергија поради неплатени долгови кон ЕВН.

Видеа од Македонија