Бизнис
17. December 2019 - 20:33

Еуромакс Ресоурцес: Ќе ги исцрпиме сите домашни и меѓународни правни лекови за Иловица

Компанијата Еуромакс рисусрсис оцени дека одлуката на Владата еднострано да го раскине договорот за концесија за рударската област Иловица 6 е политичка, информира дека назначиле меѓународна адвокатска фирма за опцијата што ја најавија за арбитражна постапка и потенцираат дека ќе ги исцрпат сите домашни и меѓународни правни лекови.

– Одлуката е во спротивност со официјалните изјави на Владата дадени во јавноста неодамна како и во последните неколку денови дека тие чекаат Управниот суд да донесе одлука за ова прашање.  Одлуката ова прашање да се реши од страна на администрацијата, во период додека судството го разгледува, сериозно го доведува во прашање владеењето на правото во РС Македонија, соопшти Еуромакс рисусрсис, откако Владата на вчерашната седница донесе одлука за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на рудникот за бакар и злато во село Иловица во општина Босилово.

Од „Еуромакс ресурси“ потестуваат на нивната изјава од 1 октомври годинава  дека останува отворена опцијата за меѓународна арбитража и оти ќе се постапува соодветно. – Сега можеме да потврдиме дека Еуромакс назначи реномирана и престижна меѓународна адвокатска фирма LANSKY, GANZGER & Partner да се подготви за таквиот исход. Покрај нашата силна правна позиција во рамките на РС Македонија, убедени сме дека Еуромакс има силни аргументи за меѓународна заштита на инвеститорите, а Владата на РС Македонија треба да биде сигурна дека компанијата е подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни правни лекови, стои во соопштението од Еуромакс рисурси.

Според извршниот директор на Еуромакс ресурси  Варшан Гокул, одлуката на Владата е разочарувачка и ќе го обесхрабри секој кој размислува да инвестира во државава.

-Ова е длабоко разочарувачки. Како најголем странски инвестициски партнер во државата, компанијата во моментов е третирана повеќе од лошо од оваа Влада. Во последните пет години инвестиравме милиони евра во земјата подготвувајќи се за изградба на проектот. Претходно оваа година Европската комисија изрази загриженост за владеењето на правото во РС Македонија. Јасно е дека тешкотијата што ја имаме е доказ за тоа и не е изненадување што меѓународните партнери се загрижени за тоа што се случува во Скопје. Ова ќе го обесхрабри секој што сериозно размислува да инвестира во земјата. Иако постои правен лек за сето ова – и ние сме многу силни во нашата правна позиција – оваа можност само резултира со непотребно одложување и неактивност, спречувајќи нè да ги испорачаме многу потребни работни места и инвестиции, наведува Гокул во пишана изјава.

Еуромакс рисусрси ја пренесува и изјавата на Габриел Лански, партнер во LANSKY, GANZGER & Partner кој истакнува оти се убедени дека Еуромакс има многу силен случај. – Затоа, имаме насока и подготвеност да ги исцрпиме сите постојни домашни и меѓународни правни лекови, наведува Ленски.

Од Еуромакс рисурси потенцираат и дека Одлуката на Владата се однесува на концесијата Иловица 6 на компанијата и оти концесијата Иловица 11 останува непроменета.

Владата денеска соопшти дека на синоќешната сендица во Куманово донела Одлука со која  еднострано ги раскинува Договорот за концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица во општина Босилово од 2014 година и Анексот на Договорот од 2015 година бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот.

Одлуката влегува во сила наредниот ден откако ќе биде објавена во Службен весник. Од денот на нејзиното влегување во сила, како соопшти Владата, престанува да важи и Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина–руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје за локалитетот Иловица од 2012 година.

Одлуката на Владата ја поздрави зелената партија ДОМ истакнувајќи дека е голема еколошка победа како резултат на борба што ја презеле заедно со граѓанските активисти против отворањето на рудниците во Казандол и Иловица, во интерес на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Во Општина Босилово пред две години беа организирани два неуспешни референдума во однос на изградбата на рудникот, а преку граѓански иницијативи беа организирани и протести на локалното население и еко активисти.