Бизнис
4. March 2019 - 14:40

Еуромакс и македонскиот рударски потенцијал презентирани на најголемата светска рударска конференција

Еуромакс Ресоурцес (Еуромакс) викендов го презентираше проектот Иловица – Штука, како и рудниот потенцијал на државата, пред најголемите меѓународни инвеститори во рударството и рударски компании на Годишната конференција организирана од Асоцијацијата за истражување и развој во рударство на Канада (Prospectors & Developers Association of Canada), што од 3 до 6 март годинава се одржува во Торонто.

Во организација на Асоцијацијата за истражување и развој во рударство традиционално во Торонто се одржува најголемиот светски саем и конференција во областа на рударството, на која учествуваат над 1000 изложувачи, над 3.800 инвеститори и над 25 илјади учесници од над 130 држави. Тоа е можност да се претстави државата и Еуромакс на голема меѓународна сцена.

По третпат Еуромакс беше домаќин на сесијата којашто привлече голема посетеност и е атрактивна затоа што ги истакнува потенцијалите на Западниот Тетијски појас како нов и сѐ попривлечен регион за проекти за минерални ресурси. Тетијскиот појас е геолошки тренд кој се протега од Алпите, преку Карпатите и Балканот сè до Хималаите. Конференцијата се фокусира на западниот дел од појасот кој ги вклучува Источна Европа и Турција.

 

„Пред претставниците на рударската индустрија од целиот свет ги презентиравме развојните фази на проектот Иловица – Штука, придобивките и потенцијалниот развој што го носи со себе за регионот. Горди сме што нашата сесија е дел од оваа конференција со многу голема меѓународна посетеност, како одраз на континуираниот интерес на истражувачите во другите земји и присуството на странските владини делегации за да ги презентираат своите можности. Следејќи го успехот на нашите сесии во 2017 и во 2018 и годинава сме домаќини на сесијата за Западниот Тетијски појас, област која е атрактивна за многу инвеститори затоа што е препознаена како богата со минерални суровини, особено со бакар и со злато, но е недоволно истражена. Сите компании учеснички докажаа дека не се само рударски компании, туку се економски двигатели во областите каде што работат“, вели оперативниот директор на Еуромакс Ресоурцес, Патрик Форвард.

На сесијата учествуваат повеќе компании од регионов, како Мундоро капитал (Mundoro Capital), Зиџин мaјнинг (Zijin Mining), Данди Прешс Металс (Dundee Precious Metals), Медголд Ресоурцес (MedGold Resources), Велосити Минералс (Velocity Minerals), Еуросан Мајнинг (EuroSun Mining), Елдорадо Голд (Eldorado Gold), Џорџиaн Мајнинг (Georgian Mining) и Честерфилд Ресоурцес (Chesterfield Resources) кои ги презентира нивните проекти, како и канадските амбасадори во земјите од регионот и владини претставници од Србија и Грузија кои дадоа увид во бизнис климата и рударските проекти во нивните држави.