Бизнис
4. January 2019 - 19:20

Еурокомпозит повторно на протест

Поради неисплатени плати и отпремнина вработените во „Еурокомпозит“ како и 130 мина кои си заминаа технолошки вишок најавуваат за среда штрајк пред Влада во Скопје. Велат дека пред Нова Година зеле дел од плата само по 8.000 денари, а вчера директорот им кажал дека нема пари ниту за отпремнина. Им ветуваал плата околу 20 јануари, но тие не верувале повеќе во ништо. Иака се обиделе одговор не добиле ниту од Владата. 

„За овие 3-4 месеци знаете дека никаде не појдовме и немаме земено пари. Значи од септември месец досега имаме земено само 20.000 денари, вкупна сума. Не иди ни по 5.000 денари месечно.“, истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на Еурокомпозит.

Досега отпремнина имаат земено само по 25.000 денари, а вкупно треба да добијат по околу 90.000. Од Владата со месеци најавуваат влез на странски инвеститор кој треба да ги исплати заостанатите плати, придонеси и отпремнина, и да се реши проблемот, но засега од тоа нема ништо. Вработените се чувствуваат изманипулирани и побараа оставка на директорот.

„Да им се извини на сите овие вработени тука што се малтретираат со денови и се со нас цело време и во најмала рака да си даде оставка, бидејќи не е во состојба да ја води фирмава“, рече Пеце Велјаноски, технолошки вишок.

Му се јавуваме на телефони, бараме да појдиме горе кај него, ниту иди на работа, ниту сме го виделе. А наредните пари кога мисли да ги дава, која веќе овие ги закасни?“, вели Валентина Славеска, технолошки вишок.

Директорот Златко Граороски иако денеска беше во своите канцеларии не сакаше да се сретне со новинарите. Телефонски ни истакна само тоа дека во вторник ќе имал состанок со вицепремиерот Анѓушев и се надева дека ќе се изнајдело некое решение за проблемот.