ЕУ со временска одредница за проширувањето, за државава единствен пат до членство уставните измени
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел од Бледскиот стратешки форум испрати порака дека до 2030 година Европската унија мора да биде подготвена за ново проширување. Ваквата порака од страна на македонската Влада е оценета како можност што треба да се искористи и со заедништво да се завршат задачите што ни престојат.
Според премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, исто така учествуваа на Бледскиот стратешки форум, треба да дадеме се од себе за да ја оствариме оваа цел.
-Уверен сум дека Северна Македонија покажа оти може да носи тешки и храбри одлуки и по секоја од нив излеговме како посилна земја. Од старите земји кандидатки, сме најдобри во многу аспекти во смисла на имлементирањето на европското законодавство, микро финансиската стабилност што е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 е остварлива како цел, рече Ковачевски на панелот на кој учествуваа и останатите премиери од Западен Балкан.
-Денес навистина беше ден кога практично се потврди она што и јас како претседател на Владата, меѓутоа и членовите на Владата го зборуваат, исто така и.. како коалиција во Северна Македонија
Во изјава за МИА, Ковачевски рече дека останува на пратениците во текот на овој процес да се убедат во исправноста на давањето на глас за Европа.
- Во однос на самиот процес беше јасно кажано дека критериумите за пристапување се тие кои што практично и се наведени во нашата преговарачка рамка, дека реформскиот процес е она од што зависи самиот процес на пристапување и дека за нас како земја кандидат за членство остануваат оние обврски кои што ги имаме, а ЕУ исто така да ги исполни своите обврски, рече Ковачевски.
Скрининг извештаите за првиот кластер, како што посочи, веќе се готови и во моментот „се карбонизираат меѓу вицепремиерот за европски прашања и неговиот тим со Европската комисија“, а следуваат и извештаите за другите кластери.
-Откако тој процес ќе заврши, следно е отворањето на кластерите, поглавјата и преговори по однос на истите. Тоа е еден процес во кој што практично ние ќе станеме подобри, процес во кој ќе направиме понатамошно реформирање на нашето закоnoдавство, усогласување со ЕУ, меѓутоа уште поважно реформирање на инстутициите, начинот на имплементација на законите и нивното спроведување и секако тоа ќе значи и поголем економски поттик, ќе значи пристап до повеќе европски фондови и ќе значи зголемување на европскиот потенцијал на државата, вели премиерот во изјавата за МИА.
На Северна Македонија, како што посочи, во овој момент и треба интеграција, а не изолација.
Бугарскиот премиер Николај Денков, кој исто така учествуваше на Бледскиот форум, изјави дека нема причина бугарската Влада да го смени ставот кон Северна Македонија и дека очекува државава да ги исполни обврските кон Европската унија.
Прашан дали Бугарија ќе ја промени позицијата кон Северна Македонија Денков нагласи дека нема никаква причина за тоа и оти разговорите сега се меѓу Северна Македонија и ЕУ.
– Категорично не и нема никаква причина да ја промениме позицијата. Со реализацијата на т.н француски предлог, како резултат на кој беше укинато ветото, разговорот, всушност, повеќе не е меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Тоа што се очекува е да си ги исполнат обврските пред ЕУ. Нема никаква причина да ја смениме нашата позиција, рече Денков.
Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став дека нема да дозволи уставни измени под, како што велат, бугарски диктат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите, рече дека Владата нема кредибилитет и политички легимитет и оти е логично барањето за предвремени избори.
Протоколот што вчера го потпишаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија Теодора Генчовска е дипломатски нокаут и капитулација, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
-Имаме Влада која нема кредибилитет, а би рекол и политички легитимитет бидејќи главна нивна политика беа уставните измени под бугарски диктат, а тоа им се удира од ѕид. Поминаа 10 дена од дебатата за уставните измени, се гласаше по дневниот ред и јасно беше дека нема мнозинство за да се испорача тоа што треба, а тоа значи дека им се удира од ѕид, изјави Мицкоски.
На 18 август во Собранието стартуваше расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата, а гласањето беше одложено до обезбедување на потребното двотретинско мнозинство.
Ново на Сител
-
Почна судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово
-
Путин: Нема да дозволиме Киев да стане нуклеарна сила
-
33-годишна жена нападната од својот сопруг и свекрвата
-
САД и Јапонија подготвуваат план за распоредување HIMARS на јапонските острови близу Тајван
-
Разбиена најголемата меѓународна пиратска мрежа: 22 милиони корисници и 250 милиони евра месечно
-
Во Велика Британија започна судски процес против тројца Бугари обвинети за шпионажа за Русија, двајца други признаа вина
-
Потвредено обвинението против осомничените за убиството на Данка Илиќ, се бара доживотен затвор
-
Сиљановска Давкова: Ако дозволиме ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него