ЕУ одлучи да бара алтернатива за зависноста од руските енергенси
Европската Унија си постави цел – за пет години да се оттргне од руската енергетска зависност. Собрани во замокот во Версај, Франција, лидерите на земјите членки на ЕУ попладнево потпишаа Декларација за ставање крај на зависноста од увоз на руски гас, нафта и јаглен до 2027 година.
На планот ќе се работи активно во наредните два месеца. Од Версај беше порачано дека ова е стратешка инвестиција во безбедноста и независноста на Европа.
Покрај енергетскиот план, дводневниот Самит заврши и со најава за нови мерки за поддршка на Украина. Договорен е четврт пакет санкции за кои Европската унија вели дека дополнително ќе ја изолираат Русија.
Една од главните точки беше и колективната безбедност на Европа. Наскоро ќе биде претставена новата европска одбранбена стратегија, а се бара од земјите членки и зголемување на воените буџети.
Во гостувањето во дневникот на Сител, професорот Николовски смета дека ова е политичка одлука, која воопшто не е случајна.
Нови мерки против Русија најави и американскиот претседател Џо Бајден. Групата седум најразвиени земји воведува нови санкции за голем број руски олигарси и нивните семејства.
Бајден додаде дека дополнително се забранува и увозот на морски плодови, вотки и дијаманти од Русија и извозот на луксузна роба во Русија.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
