Балкан
3. January 2021 - 17:44

ЕУ ја зголемува помошта за мигрантите во кампови во БиХ

Европската унија соопшти дека ќе ја зголеми помошта за мигрантите во Босна и Херцеговина за 3,5 милиони евра кои живеат во „неприфатливи“ услови и повика на обнова на неодамна опожарениот камп Липа.

Таа дополнителна помош, насочена кон „ранливите бегалци и мигранти кои се соочуваат со хуманитарна катастрофа во Босна“, е дополнување на 4,5 милиони евра одобрени од Брисел во април 2020 година, соопшти Европската комисија.

По пожарот што целосно изгоре камп во близина на босанскиот град Бихаќ на 23 декември, илјадници мигранти останаа без покрив над главата, на границата со ЕУ.

– Ситуацијата е неприфатлива. Сместувањето прилагодено на зимските услови е неопходно за достоинствен живот што мора да биде загарантиран во секое време, изјави шефот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.

– Локалните власти мораат да ја стават на располагање постојната инфраструктура и да обезбедат привремено решение (за сместување) се додека кампот Липа не се обнови и не стане трајна инфраструктура, нагласи тој.

Министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ денеска соопшти дека со итни мерки ќе го решат проблемот со илегалните мигранти кои живеат на отворено крај Бихаќ и протестираат против нивното лошо постапување со штрајк со глад.