Македонија
16. February 2021 - 15:23

Етничката определба во личните карти треба да се поддржи затоа што сме мултиетничка држава, вели Заев

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа етничка определба во личните карти, под услов придавката „северна“ да не стои во нив, рече дека дефинитивно треба да се поддржи етничката определба заради тоа што сме мултиетничка држава.

– Тоа знаете како е, сакам да водам љубов, ама никако да се прегрнам со партнерот. Значи дефинитивно треба да се поддржат вакви работи, заради тоа што сме мултиетничка држава. Знам дека има дебата, ја следам, дека тоа може да предизвика одредена дискриминација или не. Ние никој пат ниту сме се криеле, ниту секој од својот идентитет се срамел, напротив сме се гордееле, а како мултиетничко општество сите заедно се гордееме со нашата етничка разноликост, со ова богатство на културолошки и етнички, верски разноликости по кои сме препознатливи и навистина сме пример и за соживот и може многу развиени земји да учат од нас, нагласи Заев.

Во однос на тоа придавката „северна“ да не стои во личните карти, бидејќи рокот за нејзино применување според Преспанскиот договор се уште не бил истечен Заев рече дека Уставот вели оти нашата земја е Република Македонија.

-Уставот вели дека нашата земја е Република Македонија. Апелирам да не се бараат изговори затоа што кога поднесувате законско решение, не е само Договорот од Преспа, туку постои и Уставот, рече премиерот Заев.