ЕСМ не е надлежно за санација на мостот ,,Беласица‘‘, туку само за повторно поставување на топловодните цевки
Затворениот мост Беласица не се знае кога ќе се санира за да биде пуштен за сообраќај. Од Град Скопје кратко ни одговорија дека во текот на наредните денови ќе ни дадат информација, што преземаат во врска со мостот. Засега единствено ЕСМ работи на терен. Отстранети се опожарените цевки од топловодната мрежа и почнуваат со инсталација на нови. Уверуваат дека нема да има прекини во снадбувањето со топлинска енергија оваа зима.
„Во моментов се вложуваат максимални напори инсталацијата да заврши во најкраток можен рок, со цел да се обезбеди сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа за следната грејна сезона. Санацијата на мостот, од друга страна, е во надлежност на Град Скопје. “
Директорот на институтот кој ги правеше проценките на штетите од пожарот, вчера информираше дека завршиле со инспекциски контроли и потребна ќе биде само лесна санација на мостот.
Мостот кој е една од главните артерии во градот, се поизвесно е дека нема да биде завршен до септември кога завршуваат летните одмори и почнува учебната година. Граѓаните ќе мора да патуваат и по еден час низ скопските улици, кружејќи за да стигнат до работа, на училиште, болница. Во неколку јавни настапи, уште пред месеци, градоначалничката на Скопје уверуваше на многу скоро пуштање на мостот. Мостот беше опожарен на 12 мај, по што веднаш беше затворен за сообраќај.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар