Фудбал
4. February 2022 - 9:14

Ешли Кол асистент на Лампард во Евертон

Поранешниот дефанзивец на премиерлигашите Челзи и Арсенал и на англиската репрезентација Ешли Кол (41) е назначен денеска за еден од асистентите на новиот тренер на Евертон, Френк Лампард, објави клубот од Ливерпул.

Кол доаѓа од фудбалската академија на Челзи и во Евертон ќе соработува со помошниците Џое Едвардс и Данкан Фергусон.

– Бев воодушевен кога примив повик од Лампард да му се приклучам во Евертон. Тоа е одлична шанса во фантастичен клуб и доаѓам подготвен да работам напорно за да и помогнам на екипата да биде успешна. Дополнителен успех е што повторно ќе работам со Лампард. Тој е одличен тренер и лидер. Заедно со останатите во стручниот штаб, имаме сè што ни е потребно за остварување на нашите цели, изјави Кол.

Во минатото Кол и Лампард беа клупски колеги во Челзи, освојувајќи со лондонскиот клуб една титула во Премиер лигата, четири ФА купови, како и трофејот во Лигата на шампиони во 2012 година.