Балкан
25. March 2016 - 12:59

Ердоган стана „помошник обвинител“ на судењето на двајца новинари на „Џумхуриет“

Суд во Истанбул денеска се согласи турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да биде „помошник на обвинителот“ во судскиот процес против двајца новинари на весникот „Џумхуриет“, јавија западни медиуми повикувајќи се на изјава на сведок.   

Судот исто така реши судењето на главниот уредник на „Џумхуриет“, Џан Дундар и на шефот на дописништвото на весникот во Анкара Ердем Ѓул, кои се обвинети за „издавање државни тајни“, да се одржи зад затворени врати. 

Двајцата новинари беа уапсени во ноември минатата година, откако весникот објави написи за тоа дека турската Влада тајно префрла оружје и муниција за милитантните исламистички групи во Сирија, скриени во пратки со хуманитарна помош.

Написите се појавија по инцидентот на турско-сириската граница кога турските цариници запреа конвој со хуманитарна помош и во еден од камионите, наместо лекови и храна, најдоа оружје.

За инцидентот први објавија неколку западни медиуми, кои открија дека конвојот бил придружуван од припадници на турското разизнавање, по што Владата во Анкара беше обвинувана дека директно се меша во сириската војна, помагајќи ги бунтовничките сили кои настојуваат да го соборат претседателот Башар ал Асад.

Дундар и Ѓул ги отфрлаат обвинувањата дека издавале државни тајни, но доколку бидат прогласени за виновни, може да бидат осудени на високи затворски казни.

На почетокот од минатиот месец, двајцата новинари, на кои по апсењето им беше одредена мерка притвор, беа пуштени од затвор, по пресудата на Уставниот суд дека со нивното притворање било извршено насилство врз слободата на изразување.

Судењето на Дундар и Ѓул доаѓа само дваесетина дена откако Владата го стави под државна контрола најтиражниот весник „Заман“, а полцијата изврши претрес на неговите простории.

Турција е постојано на удар на меѓународните групи за човекови права и за слободите на медиумите. На ранг листата на „Репортери без граници“ за 2015 година, Турција е рангирана на 149 место од 180 земји во светот.

Главниот уредник на „Џумхуриет“ пред почетокот на судењето изјави дека со процесот, Владата сака да ги заплаши новинарите и медиумите, како и да создаде механизам на самоцензура и на „империја на стравот“.

Неколку десетици турски писатели во отворено писмо до премиерот Ахмет Давутоглу побараа од турската Влада да ги повлече обвинувањаа против Дундар и Ѓул, стравувајќи дека двајцата може да бидат осудени на доживотен затвор.