Свет
31. August 2016 - 11:56

„Епл“: 14 милијарди долари побарани за данок од ЕУ нема да променат ништо

„Епл“ објави соопштение до своите инвеститори, во коешто наведува дека даночните побарувања од Европската Унија, од близу 14 милијарди долари, не се очекува да променат ништо.

Во соопштението потпишано од Тим Кук се наведува дека компанијата планира да го обжали решението, но истовремено и не очекува гигантската сметка да влијае негативно на бизнисот, односно не се очекуваат никакви промени, ниту во идната даночна стапка, ниту во резултатите, дури ниту во финансискиот баланс и резервите.

Тоа е процес којшто најверојатно ќе потрае неколку години. Освен тоа, компанијата има над 200 милијарди долари резерви на своите сметки.

„Епл“ дополнува дека и Ирска исто така ќе ја обжали таа одлука на ЕК.

- Уверени сме дека тоа ќе биде отфрлено во Европскиот суд, додаваат од компанијата.

Всушност, не дека парите се проблем за „Епл“, туку обидите на ЕУ да ја затегне својата даночна политика. Таа опфаќа затворање на дупки кои досега дозволуваа да се избегнат некои од даноците.

Од промените ќе бидат засегнати странските компании, што пак би требало да ги зголеми приходите во буџетот на ЕУ. Се разбира, тоа нема да биде лесно, зашто моментно дејствијата се преземаат пред се од морални принципи, така што компаниите би требало да плаќаат реален данок за фактичкиот бизнис, којшто го водат и допрва им претстои да бидат реализирани реалните промени во законите, за да се затворат веќе споменатите „дупки“, кои во моментов овозможуваат легално избегнување на некои даноци во рамките на законот.