Македонија
27. October 2021 - 16:46

Епидемиолозите најавуваат тешка пандемиска зима

Пикот на четвртиот ковид бран допрва доаѓа. Бројките на новодијагностицирани растат, вакцинацијата за прва доза речиси замре, ретко кој носи заштитни маски и затоа не очекува тежок зимски период прогнозира епидемиологот Сашо Олумчев. Го плаши и сезоната на респираторни заболувања како грипот кога ќе има измешани симптоми кај болните што ќе предизвика проблеми и во клиничката слика но и во дијагностиката и лекувањето. 

-Тешка зима ќе биде бидејќи мислам дека прерано се олабавивме. Но имаме уште еден месец да се вратиме на колосек и да се однесуваме како што треба..во спротивно, во јануари не очекува тежок удар, тешка борба, вели Сашо Олумчев, епидемиолог.

И додека пандемијата се разгорува не само кај нас туку и во регионот, македонската влада ги олабавува мерките. Дозволена е работа со 50 проценти исполнетост на дискотеките а од 15-ти ноември само со две дози на вакцина ќе има влез во ресторан, казино или на свадба. Олумчев вели рестрикциите досега биле контрапродуктивни и очекува надлежните на друг начин да пристапат кон граѓаните.

-Не сум за рестрикции тие не даваат ефект. Но мора да се пристапи кон граѓаните зошто се важни превентивните мерки, кој е ефектот од вакцините, вели Олумчев. 

Заклучно со вчерашниот ден, вкупната бројка на заразени од почетокот на пандемијата надмина 200.000, а во пораст е и бројот на активни случаи.

Пред два дена и хрватскиот научник Иван Џикич прогнозираше тешка зима за Македонија со уште неколку изјади смртни случаи доколку вакцинацијата остане под 50 проценти.