Епидемиолозите бараат партиите да ја сменат тактиката - наместо митинзи, онлајн и ТВ презентации
Здравјето на граѓаните е пред се и затоа учесниците во предизборната кампања треба да најдат модел нивните програми да ги испорачаат на друг начин наместо преку масовни собири, смета епидемиологот Сашко Олумчев. Според него евидентно е дека до сега многу малку се внимава на почитувањето на мерките и затоа апелира до сите учесници, како до организаторите, така и до посетителите на настаните да бидат максимално одговорни и да не заборават дека вирусот е присутен.
„Би препорачал до сите политички субјекти кои се сега партиципиенти во овие политички збиднувања, во кампањите колку што е можно повеќе да ги избегнуваат тие масовни собири, односно кампањите да ги пренасочат на друг начин на испорака на политичката порака, дали преку онлајн понуди, дали преку контактни емисии, дали преку социјални мрежи и така натаму каде што контактите се минимизираат. Сите сакаат да бидат во близок контакт со граѓаните, да ги слушнат нивните мислења, да дадат и ти свои предлози како ќе ги решаваат проблемите на граѓаните во следниот мандат и така натаму, меѓутоа мислам дека здравјето на граѓаните е побитно од се“, вели Сашко Олумчев - епидемиолог.
Што се однесува до третата доза на вакцините и дилемата дали да биде иста или различна од првите две доктор Олумчев со став дека граѓаните не треба да размислуваат. Трета доза не значи неквалитетна вакцина, туку засилување на имунитетот .
„Мене ако ме прашате апсолутно немам никаков проблем да биде со различна вакцина затоа што тие се различни механизми на делување, значи ќе направиме едно збогатување на стимулацијата на имунитетот на различни начини. Јас лично би се вакцинирал да речеме со друга вакцина. Имам две дози од Фајзер примено и кога би имало Синовак би примил Синовак , со тоа што ќе внесеме друг механизам кој ќе го стимулира мојот имунитет на различен начин. Така да ќе имаме многу подобар резултат и поквалитетен имунитет“, вели д-р Олумчев.
Според доктор Олумчев во моментов најризични се младите до 18 години и не вакцинираните.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар