Македонија
26. December 2021 - 16:49

Епидемиологот Олумчев предлага продолжување на распустот за 2 недели

Зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи барем за две недели, смета епидемиологот Сашко Олумчев. Според него ваквата мерка може да биде добра превентива за заштита од можно ширење на корона вирусот за време празниците. Според него во овој период кога комуникацијата и контактите помеѓу луѓето се интензивираат најдобро е децата да бидат дома. На тој начин и да дојде до заразување на некој од нивните семејства тоа полесно ќе се контролира, а веројатноста за пренесување на поголема група ќе се намали.  

,, Да имаме зимски распуст од еден месец во кој можат да се стабилизираат тие состојби. Ако некој се зарази ќе биде во домашни услови, може да се контролира и така натаму бидејќи рековме се работи за високо инфективна варијанта. Ако се зарази член на семејството многу брзо целото семејство ќе се зарази, но ќе бидат под контрола во домашни услови, а вака имате колективи како што се училиштата каде не дека тие деца не знаат, меѓутоа сепак зборуваме за мали деца за тинејџери кои не можат да се придржуваат кон тие мерки како што треба да биде правилно. Сепак се работи за дека кои едноставно можат да се заштитат до некоја мера, не можат тие нон стоп да носат маска или да ја менуваат на секои два часа и така натаму, вели Д-р Сашко Олумчев - епидемиолог. 

Доктор Олумчев е на став дека треба да се следи и примерот на повеќето држави кои преку тестови прават контрола на патниците. Вели доволни ќе бидат само брзи антигенски тестови кои не чинат многу.

Не мора ПЦР тестови. Нека бидат брзи антигени тестови. Нека бидат по случаен избор да речеме, не мора секој патник, по случаен избор за да знаеме од прилика што ни се случува. Тие се евтини тестови антигените, а се точни. Точни тестови, евтини, по случаен избор и тоа е некаква мерка, вели Д-р Олумчев.  

Резултатите од тестовите на границите освен што ќе помогнат да се намали во ширењето на вирусот ќе дадат и појасна слика на состојбата и ќе значат многу во превенцијата и заштитата.