Македонија
21. October 2022 - 18:34

Епидемија на мозочни удари во Македонија, најмладиот пациент има само 14 години

Епидемија на мозочни удари во Македонија. Лани биле пријавени 25.000 случаи. Лекарите предупредуваат дека се намалува возрасната граница, најмладиот пациент на Клиниката за неврологија е тинерџер на 14 години. Најтешко поминуваат лицата кај кои Ковид вирусот ќе предизвика мозочен удар.

- Самиот Ковид остава долготрајни последици, компликации, вклучително и мозочни удари, кај овие пациенти тие мозочни удари се пообени и за жал завршуваат фатално, изјави проф. д-р Анита Арсовска, од Клиниката за неврологија.

Раното препознавање на симптомите и навремената лекарска помош се клучни во третманот на ова сериозна болест, но пациентите со мозочен удар од цела Македонија тромболитична терапија добиваат единствено во Скопје. Таа се дава само во првите 3 до 4 часа од ударот. Поради дефицит на кадар и амбулантни возила во некои градови од внатрешноста не сите пациенти може навреме да стигнат во Клинички или ГОБ 8 септември. Ова како проблем го посочиле и директорите на здравствените домови од вардарскиот и пелагонискиот регион на денешниот состанок со министерот Беким Сали.

- Некои укажаа дека имаат недостиг на кадар, некои имаат недостиг на возила. Ние и претходно побаравме донација на возила од една пријателска земја за поголем број возила и веќе одговорија позитивно и очекуваме наскоро да се преземат финалните чекори, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Редовни контроли на притисокот, шеќерот и маснотиите во крвта, физичка активност и здрава исхрана, според лекарите во 90 проценти можат да превенираат мозочен удар.