Македонија
2. September 2021 - 16:54

Експресниот пат Прилеп - Градско треба да биде изграден за две години

Двете делници на експресниот пат Прилеп-Градско, од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш се изградени по 35%. И на двете делници сега има нови изведувачи. Од Градско до Дреново сега гради австриски Штрабах, откако претходно Владата го раскина договорот со италијанската компанија „Тирена скави“, а од Дреново до Фариш изведбата ја презеде кинеската „Синохидро“откако и таму Владата го раскина договорот со претходниот изведувач, шпанската Рубау. Сега овој случај е на меѓународен суд. Ќе се рехабилитирал и сегашниот пат на Плетвар. 

„Успеавме да ги надминеме сите настанати проблеми така што очекувам овој експресен пат да биде финиширан комплетно во средината на 2023 година. Започнуваме и со рехабилитација на целиот премин Плетвар. Во текот на наредните денови ќе започне комплетна рехабилитација на превојот Плетвар“, истакна Благој Бочварски, министер за Транпоспорт и врски.

Вкупната инвестиција за овој експресен пат изнесува 64 милиони евра, а освен овие 2 делници ќе треб а да се направи и проширување на Плетвар со трета лента онаку каде што ја нема и проширување на патот од Прилеп до Ленишка река. Ова е единствениот пат кој освен преку Скопје, ја спојува Источна со Западна Македонија. 

„На растојание од само 10 км. на делницата од Дреново до Фариш, се градат 2 тунели, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, 1 кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт. Што само по себе зборува за каков тежок пристапен терен станува збор“, додаде Ејуп Рустеми, директор на ЈП за ДП.

Министерот за транспорт и врски истакна дека моментално изградбата на автопатот Кичево Охрид е во застој затоа што договорот за градба завршил во јуни, а Собранието се уште го нема усвоено 4 анекс за продолжување на рокот за изградба со кинеската Синохидро според кој ќе се предвиди дека автопатот треба да биде готов до декември 2023 година.