Експлозија на плинска боца во Битола, повредени мајка и ќерка
По експлозија на плинска боца во куќа на улица „Пореч“ во населбата Баир во Битола, во животна опасност се наоѓаат две лица, мајка и ќерка, кои се здобиле со изгореници при немилиот настан.
Пациентките сеуште се во критична, но стабилна состојба. Попладнево двете пациентките е предвидено да бидат транспортирани во Центарот за опекотини при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје на Клиниката за пластична хирургија.
Едно од четирите противпожарни возила, кои делувале на терен во обид да ја спасат куќата од пожар на улицата „Пореч“, синоќа удрило во друга куќа и при што куќата претрпела значајни оштетувања. Ова се случило кога возилото се искачувало на улицата Ваташа, која е една од најстрмните и во зимски услови секогаш лизгава. Не можејќи да ја доискачи угорнината почнало да се враќа назад, се зализгало и удрило во куќата на семејството Апостолови.
Притоа им ја срушило дневната соба, а распукани се и другите делови од куќата. Сопственичката на куќата вели дека среќа во несреќата било тоа што со семејството не престојувало во тој момент во дневната соба, што за нив би било кобно по живот.
Командирот на ТППЕ Битола Костадин Поповски истакна дека за време на интервенцијата врнело снег, а улицата Ваташа била замрзната.
За време на движењето едно од возилата стигнало до одредена висина, не можело да продолжи нагоре, па почнало да враќа во рикверц и удрило во куќата.
На семејството штетата ќе им биде исплатена, за што е направен записник и од страна на полицијата.
-
Методија Куновски
Сите содржини од овој новинар