Свет
22. March 2016 - 10:05

Експлозија и во метро станица во Брисел

По експлозиите на аеродромот „Завентем“, претпладнево се случи уште една експлозија во метро станицата Малбек во белгискиот главен град, во близина на институциите на ЕУ, јави белгиската телевизија РТБФ.

Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, засега официјално е потврдено дека при експлозијта на Малбек е повредено едно лице.

Претходно, утринава во 08:00 часот одекнаа две експлозии на меѓународниот аеродромот „Завентем“ во Брисел, во кои, според РТБФ, која се повикува на болнички извори, има најмалку 10 загинати и 30 повредени, јави бриселската телевизија, 

Западни медиуми јавија дека пред експлозиите на аеродромот се слушнале истрели од огнено оружје и повици на арапски јазик.

Поради двете експлозии аеродромот, како и железничката станица во во него, се затворени. Ова е втор случај поради кој нивото на закана од терористички напади во Белгија е подигнато на максимален „четврти степен“.

Протипожарната единица на главниот град на Белгија ја потврди експлозијата што се случи утринава на аеродромот, како и на метро станицата на улицата Арт-Лоа, каде се наоѓаат и македонската амбасада во Белгија и македонската Мисија при Европската унија.

Бомбата на „Завентем“, според неофицијални информации, одекнала во подземната железничка станица под аеродромот, предизвикувајќи сериозна материјална штета на предниот дел на аеродромската зграда, кај влезот наспроти хотелот „Шератон“.

Очевидци на настанот изјавија дека неколку луѓе лежат повредени на тротоарот пред влезот на меѓународниот аеродром. Сите приоди и излезни патишта кон бриселскиот аеродром се затворени, а полицијата детално го претресува секој автомобил и сомнителни лица.

Според белгиската националната франкофонска телевизија РТБФ, евакуирани се сите лица и патници, а затворена е и железничката станица на „Завентем“.

Затворени се и аеродромите Антверпен, Остенд-Бриж и Кортрејк во фламанската провинција на Белгија, а не сообраќа ниту метрото во Брисел. Сите летови се пренасочуваат кон јужниот бриселски аеродром во градчето Шарлроа.