Македонија
20. јуни 2022 - 16:34

Експертска дебата: Критики за предлогот на Франција и барање за свикување на Парламентот

Европскиот процес треба да европеизира, а не да бугаризира. Експертите бараат Собранието уште денеска да свика седница за францускиот предлог. Согласни се дека тој е штетен и оти Владата не смее да чека прво земјите членки да се изјаснат за францускиот предлог, туку јасно да ги каже црвените линии на Македонија.

-Доколку ние самите прифатиме, односно со молкот одобруваме внесување на билатерални прашања и бугаризација на самиот процес, не верувам дека многу земји-членки ќе се противат на тоа, како што беше тоа случај со Чешка и Словачка. Особено во контекст на ургентноста и на моментумот со кризата во Украина кадешто на ЕУ и е потребен итен успех на Западен Балкан, вели Марко Трошански, претседател на Институтот за демократија.

Поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров смета дека со францускиот предлог македонските позиции се паднати бидејќи наспроти претходните предлози, со овој билатералните прашања влегуваат во преговарачката рамка. Ако претходно се говорело за политичка волја за иницирање на уставен амандман со кој Бугарите би влегле во Уставот, сега тоа се бара прво да се направи. Вели дека ваквиот предлог Македонија ја носи во тесен сокак преполн со бугарски барања.

-Не може во нашата Македонија, Северна Македонија ние да впишуваме бугарска заедница во Уставот на барање на Бугарија, а Бугарија за мнозинскиот народ, за македонскиот народ кој зборува македонски јазик уште не е на чисто со македонскиот идентитет. Ние не бараме да ни го признаат, државите не признаваат јазици, ама имаат обврска да го почитуваат правото на самоизјаснување и самоопределување на самиот народ. Тоа што го направи Грција со Преспанскиот договор, вели Димитров.

Директорката на Институтот за европска политика вели раното вклучување на Бугарите во Уставот би можело да ги искомплицира преговорите. Најголем проблем се механизмите кои ги добива Бугарија за да може да не блокира. Предупреди и дека во моментот јавноста нема доволно информации за предлогот и општеството треба да биде информирано за содржината на документот.

-ЕУ влегува во нешто што не е нивна територија. Малцинските прашања во ЕУ, домот нивни е Советот на Европа. Европската унија внатре нема регулирани стандарди за овие прашања, особено Франција и Бугарија ги немаат. Така што, од тој аспект чувствуваме дека овој предлог може да задира во области кадешто не би требало и креира преседани и со историската комисија доколку влезе во протоколот и со малцинските прашања коишто можат да бидат многу ризични за прошувањето на ЕУ во иднина, вели директорката на Институтот за европски политики, Симонида Кацарска.

Давањето рокови и недоволното регулирање на работата на Историската комисија би можела да доведе до дополнителни блокади, ако историчарите на време не се договорат за одредени личности или настани.