Експертите со оценка: Предлог Буџетот не е развоен, ниту одржлив
Сличен како ланскиот. Ниту е развоен, ниту одржлив. Ова е првичната оценка на економските експерти за предлог буџетот за следната година. Најавите за зголемување на минимапецот, платите на административците и пензиите, го толкуваат како предизборно ветување, кое уште повеќе ќе притиска на инфлацијата.
Од друга страна, најавените зголемени капитални инвестиции, до сега се покажаа дека парите никогаш не се потрошиле во целост. Уште не донесен, очекуваат ребаланс веднаш по изборите.
Развоен буџет ние заборавивме што е. Кога одиме со зголемување на стандардот кај граѓаните и со зголемување на минималецот и платите, треба да имаме во предвид дека тоа не се развојни компоненти. Потфрливме со инфлацијата и со економската криза. Сите овие најави ќе притискаат врз инфлацијата, а од друга страна очекувате за 10% повисоки приходи, како? изјави Абил Бауш, универзитетски професор.
Бауш смета дека најавата за буџетски дефицит од само 3,4% од БДП, или половина милијарда евра, не е реална. Ќе фалат повеќе пари во буџетот, а загрижува и високиот јавен долг.
Имате изборна година и мислам дека ќе посегнат на поголема бројка на буџетскиот дефицит, не затоа што сакаат, туку ќе мора.
Имате тековни обврски кои мора да се платаат, имате долгови за сервисирање. Очекувам и нови обврзници, нови инструменти на прибирање средства, затоа што имаме висока инфлација и ќе мора да ги испумпаат парите, ако сакаат да се намали.
Очекувам дека ќе има натамошно затегање на монетарната политика, со зголемување на каматите, за да можат граѓаните да штедат во банка и на тој начин да се намали инфлацијата, додава Бауш.
Владините проекции за следната година се задолжување над една милијарда евра, економски раст од 3,4% и инфлација од 3,6 отсто.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар