Македонија
11. May 2022 - 16:35

Експертите предупредуваат - слабо функционира ресоцијализацијата на осуденици

Ресоцијализацијата на осудените лица не е на задоволително ниво, вели директорот на Управата за извршување на санкции. Токму затоа се работи на делот на образованието за да се намали бројот на осуденици кои го повториле делото.

–Затоа имаме изготвено програми, разменуваме искуства со меѓународни заедници и институции во делот на ресоцијализацијата. За жал не на некоие задоволнително ниво, но вложуваме напори. Главен проблем е невработеноста. По излегување од затвор тие луѓе не знаат што да прават и можеби тоа е една од причините поради кои ги повторуваат кривичните дела за кои веќе биле во затвор. Токму затоа вложуваме во изучување одредени занаети, да го надградиме нивното образование за да бидат конкурентни на пазарот на трудот, изјави Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции.

Токму на оваа тема денеска се одржа меѓународна конференција на Правниот факултет во Битола, како до успешна ресоцијализација низ искуството на различни пенитенцијарни системи. Се сподели искуството од скандинавските земји, кои имаат полиберален систем со услови кои многу личат на условите надвор во заедницата.

–Замислете, кај  нас  разговараме за материјалните услови, подобрување на објектите на казнено поправаните установи, додека во Финска се зборува за смарт затвори, во Естонија за дигитализација на затворите, вели вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, Правен факултет Битола.

Експертите велат дека со ресоцијализацијата на осудениците се рушат и стереотипите кои постојат кај нас за овие лица.