Македонија
5. July 2019 - 8:25

Експерти: Изборот на новата европска тројка добар знак за Северна Македонија

 Изборот на новите челници на Европската Унија може да се толкува како добар сигнал за земјава. Експертите сметаат дека доколку нивниот избор и формално се потврди во Европскиот Парламент, можно е Северна Македонија да добие датум за почеток за преговори во октомври годинава.

Шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ во вторникот вечерта, по тридневни маратонски и тензични преговори, ја избраа европската тројка што ќе биде на чело на Европската Унија. Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен е избрана за нова претседателка на Европската Комисија. Белгискиот премиер Шарл Мишел ќе биде нов претседател на Европскиот Совет, а шефот на шпанската дипломатија Жосеп Борел ќе ја преземе функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Фон дер Лејен важи за заговорник на посилна интеграција на ЕУ и се залага за поблиска воена соработка меѓу членките на Унијата. Таа беше и еден од најголемите поддржувачи на политиката на канцеларката Ангела Меркел за отворени врати за мигрантите.

Експертите сметаат дека, со оглед на тоа што и канцеларката Меркел изјави неодамна дека лично ќе се заложи и ќе стори се земјава да добие датум за преговори во октомври, изборот на Дер Лејен се смета за добар знак за нас.

Аналитичарот Александар Кржаловски од МЦМС за МИА изјави дека изнедувачкиот избор на Европскиот Совет со номинацијата на Урсула фон дер Лејен, може да се толкува како поволно за нас.

– Како долгогодишна министерка во кабинетите на Меркел, како и потврдена федералистка/интегративка, може да се очекува засилено „туркање“ на досегашните политики на Германија, вклучително и за проширувањето. Се чини дека и Макрон е задоволен од исходот (а и сите други лидери на ЕУ земјите), со што очекувам поблага реторика од понеделничката изјава „да не му спомнуваат проширување, оценува Кржаловски.

Макрон, имено, во понеделникот рече дека одбива проширување на Унијата, пред длабока институционална реформа на ЕУ.

– Сепак, расправата за овој состав допрва ќе се разгори во Парламентот и мислам дека нема лесно да помине предлогот, но и верувам дека лидерите ги направиле потребните математики за да има доволна поддршка за нивни избор, истакнува Кржаловски.

Оценува дека, ако се потврди предлогот, можеме да бидеме малку поголеми оптимисти, односно дека е можно да добиеме датум за почеток на преговори во октомври, иако според него, тоа нема многу да значи, освен, како што вели, за симболичен успех и повеќе за локални „пресметки“ на власта и опозицијата.

–  Иако тоа нема многу да значи (освен симболичен успех, повеќе за локални „пресметки“ на власта и опозицијата), бидејќи или тој датум ќе биде за следната или некоја година понатаму, или пак ако навистина се одлучи да стартуваме со преговори во декември/јануари, тогаш преговорите ќе траат најмалку до 2028 година, колку што е сега проекцијата на европските институции, вели Кржаловски.

И аналитичарот Петар Арсовски, смета дека промените, односно договорот за главните позиции во Европската Унија, е добар сигнал за Македонија, бидејќи покажува дека Франција и Германија најмногу, кои во моментот се најмоќни држави по Брегзит во Европската Унија, можат да направат компромис за клучните политички прашања.

– Тоа може да биде добар сигнал за некаков заеднички јазик за проширувањето. Така што во таа смисла, ние треба да го толкуваме тоа како добар знак за датум за преговори за Македонија, рече Арсовски за МИА.

Новата претседателка на ЕК Урсула фон дер Лејен, според премиерот Зоран Заев, е докажан пријател на Северна Македонија. Како што изјави вчера Заев, таа, како досегашна министерка за одбрана на Германија секогаш ја поддржувала земјава, најексплицитно за НАТО интеграцијата.

– Таа носи огромно чувство за проширувањето како процес, дали е тоа за НАТО или ЕУ. Во новата претседателка ние имаме голем пријател, рече Заев и додаде дека имал прилика досега да контактира и со останатите новоизбрани функционери на ЕУ, кои како што рече, ќе работат во интерес на земјите кандидати, но и на самата Унија.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска смета дека изборот на Дер Лејен ќе значи поддршка на процесот на проширување на Унијата.

Шекеринска, на својот Фејсбук профил и честиташе на Дер Лејен за номинацијата за претседателка на Европската Комисија.

– Прва жена на оваа позиција и феноменална министерка за одбрана, напиша Шекеринска на Фејсбук.

Урсула фон дер Лејен беше во посета на земјава во септември 2018 година, а домаќин и беше Шеќеринска. Тогаш, фон дер Лејден го истакна значењето на референдумот и порача дека ЕУ сака да ја гради иднината со земјава.