Екс директорот на Онкологија, Нино Васев ќе се жали пред судот за мерките на претпазливост
Поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев ќе се жали пред судот за мерките на претпазливост. Неговата адвокатка, Билјана Јандриоска за Сител потврди дека ќе ја обжалат одлуката, за која законски имаат право три дена откако е донесена. До сега во Кривичен нема пристигнато жалба.
На Нино Васев покрај тоа што му е одземен пасошот и не смее да го напушта живеалиштето, судот му забрани и да оди на работа во Клиниката за онкологија.
Во истрагата што ја води обвинителството против него, другиот поранешен економски директор Нухи и тројца доктори од онкологија, клучно им е да дознаат каде завршувал вишокот на скапата биолошка терапија која незаконски и без тендер ја набавувале. Една доза од биолошката терапија чини илјадници евра, а тие на еден пациент што треба да ја прима на 21 ден, му ја препишувале на секои 7 дена за да создадат вишок на терапија. На други пак еден ден пред смрт им била препишувана иако знаеле дека нема да делува. Со оваа злоупотреба се стекнале со имотна корист за друг од околу 30 милиони евра.
За откривањето на најголемиот скандал во македонското здравство и власта и опозицијата сакаат да ги земат заслугите.
Според СДСМ по две децении непреземање ништо надлежни институции го отвориле и го расчистуваат случајот Онкологија токму во време кога тие се на власт.
Два месеци ДПМНЕ ја злоупотребува работата на комисијата а со тоа ги злоупотребуваа пациентите, граѓаните и македонското собрание.Се викаа сведоци, се трошеа пари на граѓаните, се сееше лаги и на крај, ДПМНЕ побегна од комисијата, со денови не се свикуваа седница и не се усвои никаков заклучок, работата на комисија пропадна.
Намерата на ДПМНЕ беше да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја злоупотребува во политички цели. Но и во тоа не успеа.
Според најголемата опозициска партија пак, случајот онкологија почнал да се решава откако ВМРО-ДПМНЕ влегле во техничката влада.
Некој заработувал пари на сметка на тешко болните од рак, и наместо терапија им давал физиолошки раствор, а СДС и ДУИ 6 месеци неможат да преземат акција.
Неактивноста на СДС и ДУИ 6 месеци покажа дека тие немаат ниту волја, ниту интерес да го санкционираат криминалот на Онкологија. Случајот Онкологија немаше да биде возможен без корумпираноста на власта. Со СДС и ДУИ народот ја загуби државата.
Денеска поранешниот министер за здравство Венко Филипче, во чии мандат според обвинението директорите и докторите на онкологија ја вршеле злоупотребата на скапата биолошка терапија, не сакаше да коментира за делата што му се ставаат на товар на Васев, иако претходно на анкетната комисија застана позади него нарекувајќи го врвен професионалец.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар