Економскиот раст ќе забрза, сузбивањето на сивата економија ќе ја подобри бизнис климата, оценува ММФ
Eкономијата влезе во период на солиден раст и стабилност, додека следната година се очекува растот да забрза. Реформите со цел справување со неформалниот сектор ќе помогнат во подобрување на деловната клима и ќе ги заштитат работниците, а исто така ќе имаат и потенцијално големи придобивки во смисла на приходи. Ова, како што соопшти Минитерството за финансии, се дел од заклучоците од редовната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во земјата.
Во завршната изјава на Мисијата тие наведуваат дека по долготрајната политичка криза, македонската економијата влезе во период на солиден раст и стабилност. Се вели дека се очекува растот дополнително да зајакнува во текот на оваа година, придвижен од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот, и покрај забавувањето на меѓународната трговија. Кредитната активност е зголемена, вклучително кредитите наменети за компаниите. Невработеноста, иако и понатаму висока, покажува одржливо намалување, поддржано од значителното креирање на нови работни места, се вели во изјавата.
Според ММФ се очекува економскиот раст да забрза следната година, и го проектираат на 3,4 отсто, што е подобрување на проекцијата за 0,3 процентни поени во однос на пролетната проекција. Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучително и минималните плати, очекуваат да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забави, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери. Ова забавување би можело да стане поизразено доколку се влошат трговските тензии на глобално ниво или доколку се одложат инвестициските планови поради неизвесноста во текот на изборниот период.
Од Фондот, како што наведуваат во соопштението од МФ, ги поздравуваат реформите во насока на сузбивање на сивата економија и посочуваат дека тие се на високо место во владината агенда. ММФ посочуваат дека неформалната екомомија е штетна бидејќи формалните бизниси се соочуваат со нелојална конкуренција од оние кои не плаќаат даноци или не се усогласени со регулативите, работниците во неформалниот сектор се лишени од работничките права, а јавните ресурси се намалени. Во завршната изјава од оваа мисија, тие посочуваат дека приоритет треба да биде зајакнување на ефикасноста на управување со приходите како и на правната усогласеност, во комбинација со мерки со кои се зголемува довербата на јавноста во институциите и се јакне даночниот морал.
Реформите за адресирање на клучните институционални и слабостите на пазарот на труд ќе помогнат во подигнување на среднорочниот раст и забрзување на изедначувањето на приходите, се вели во завршната изјава на Мисијата. Иако во последниве децении растот беше солиден, истиот не беше доволен за да може значително да го стесни големиот јаз во доходот помеѓу ЕУ и Северна Македонија. За да се забрза изедначувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата. Ова би требало да се надополни со напори во насока на создавање физички капитал со оглед на инфраструктурните јазови како и за зајакнување на човечкиот капитал со цел адресирање на недостатокот и несоодветноста на вештините, вклучително и преку стручно образование и обука и поголемо користење на активни политики на пазарот на труд со кои се подобруваат вештините, велат од Фондот.
ММФ, стои во соопштението, оценува дека минималната плата се зголемува брзо, во споредба со продуктивноста на трудот. Пишуваат дека од 2017 година нето минималната плата кумулативно се зголемила за 45 отсто, како и дека таа ќе порасне до над 50 отсто од просечната плата, што е високо според регионалните стандарди. Тие препорачуваат таа да се усогласува со продуктивноста.
Ново на Сител
-
Силекс лидер во Првата македонска фудбалска лига
-
Одбрано новото раководство на СДСМ: Александар Димитријевиќ нов генерален секретар, избрани потпретседатели
-
Масовна тепачка во скопска кафеана за тоа кој да ја плати сметката
-
Крадец влегол во домот на скопјанец и украл парчиња накит, потоа го нападнал и сопственикот
-
Измамен 54-годишен за 730 илјади денари, му кажале дека има 15.000 долари заглавени во банка
-
Тешка сообраќајна несреќа на магистралата Гостивар – Кичево
-
Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски
-
Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, смета претседателот на МАНУ