Македонија
15. April 2018 - 16:05

ЕК следната недела ќе препорача почеток на пристапните преговори за Македонија

Европската Комисија следната недела ќе препорача старт на преговорите со Македонија, јавува Радио Слободна Европа повикувајќи се на детали од Извештајот за напредокот. Според информациите објавени таму, критична точка во сите земји од Западен Балкан е организираниот криминал и корупцијата кои според Извештајот стануваат синоним за секоја држава од регионот.
Најголем напредок Брисел забележал кај Албанија а Македонија е меѓу позитивните примери каде Европската Комисија ја препознала како што се вели политичката волја за напредок.  Од Брисел сметаат дека за да остане на патот, Македонија мора го задржи и продлабочи процесот на донесување на итните реформски приоритети.

За Европската Комисија билатералните спорови и натаму остануваат главна пречка во процесот на интеграција, а во изминатиот период нема напредок во решавањето на отворените прашања меѓу соседите.

Токму од тоа ќе зависи и дали препораката на Европската Комисија ќе добие зелено светло од соседна Грција, која пак својата согласност ја условува со спорот за името, за што Скопје и Атина водат интензивни препораки.

Во Македонската Влада не кријат дека очекуваат чиста препорака
Покрај Албанија која ќе добие препорака за отворање на преговорите, на Србија ќе и се порача дека до Европската Унија се стигнува со реформи и дијалог, додека за Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора нема да биде нотиран напредок .

Новинар: Александар Спасовски