Македонија
7. March 2024 - 12:22

Една година и осум месеци затвор за сопственикот на „Беса Транс“, осуден е за фалсификување лиценца

Сопственикот на Беса Транс чиј автобус изгоре во Бугарија доби затвор од една година и осум месеци за фалсификување лиценца за превоз на патници. Судот го огласи за виновен Беким Хаџиу, бидејќи овозможил возилото да сообраќа надвор од државата со лажен документ. Фирмата пак ќе треба да плати парична казна од 13 илјади евра, а доби и четиригодишна забрана за работа.

Одбраната најави жалба на пресудата. Велат, обвинителството немало доказ дека возилото сообраќало со фалсификувана лиценца за вршење на јавен превоз во меѓуанродниот патен сообраќај.

Обвинителството пак смета дека со пресудата на Кривичниот суд е потврдено криивчно дело фалсификување. Велат, за возилото ниту било побарана ниту издадена лиценца за да може автобусот да преверзува патници надвор од државата.

Беким Хаџиу седна на обвинителната клупа откако изгоре неговиот автобус кој се враќаше од Турција. Проверките на документацијата покажала дека транспортната компанија немала извод од лиценцата за меѓународен транспорт за возилото во кое загинаа 40тина патници и возачот. На граничните премини возачите покажувале документ на кој не било впишано возилото, а така успеало да излезе од земјава дури 20 пати. Од обвинителството појаснуваат дека денешната пресуда нема поврзаност со причините за трагедијата во Бугарија. Тамошните власти случајот го затворија како несреќа предизвикана од возачот.

Во ноември 2022 се запали автобусот на Беса Транс, а во него загинаа 45 македонски државјани кои се враќале од Истанбул.