Една година градинката во Босилово чека согласност од МТСП за да почне со работа
Имаат нова, комплетно опремена градинка, но не може да ја користат. Повеќе од една година откако беше изградена градинката во општина Босилово стои празна и без деца. Од локалната самоуправа велат дека од нивна страна биле завршени сите обврски, го санирале и кровот кој прокиснуваше, а единствена пречка за нејзино отварање биле согласностите за вработување кои треба да ги добијат од Министерството за труд и социјална политика.
Градоначалникот Ристо Манчев вели дека е во постојана комуникација со ресорното министерство, испратиле и повеќе барања до нив, но во моментов немаат никаков одговор кога ќе бидат дадени согласностите за новите вработени.
Од министерството за труд и социјална политика информираа дека согласноста за работа за градинката во Босилово е во процедура и штом заврши постапката градинката ќе биде отворена по што јавноста ќе биде информирана согласно постапувањата. Градинката „Среќни насмевки“ во Босилово е ново правно лице и за да започне со работа потребни се 15 вработувања.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар