Единаесет години од „Диво насеље“- Куманово се сеќава на загинатите херои

Денеска се навршуваат единаесет години од вооружената престрелка во кумановско „Диво насеље“. На 9 и 10 мај 2015 загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Во престрелката имаше и 37 повредени припадници на безбедносните сили.
Во чест на загинатите во кругот на СВР Куманово беше откриена спомен-плоча. Полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година, добија и мурал „Хероите живеат вечно“ во централното подрачје на Куманово.

Во организација на синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија (СПМ) при СВР Куманово, денот на сеќавање ќе започне со панихида во Соборниот храм „Свети Никола“, каде ќе биде оддадена почит за загинатите припадници на полицијата. Ќе следи полагање цвеќе пред спомен – обележјето во кругот на СВР Куманово. Комеморативните активности ќе продолжат со меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, кој ќе започне во 12:30 часот во спортската сала на СОУ „Перо Наков“. Во рамки на настанот ќе биде спроведена и хуманитарна акција за поддршка на полицискиот службеник. Активностите продолжуваат и во недела, кога во организација на Патриотско друштво ќе се одржи 11. Меморијален велосипедски круг.

Два дена Куманово живееше во страв и неизвесност кога во густо населената населба „Тоде Мендол“, попозната меѓу граѓаните како „Диво насеље“, одекнуваа престрелки со различен интензитет. Населбата беше целосно блокирана од безбедносните сили, жителите се евакуираа од своите домови, а хеликоптери постојано го надлетуваа градот.
Граѓаните на Куманово и денес се сеќаваат на тие драматични денови, со порака дека ваков трагичен настан никогаш не смее да се повтори. Стравот, неизвесноста и загубите што ги донесе „Диво насеље“ оставија длабока трага кај кумановци.
МИА
Ново на Сител
-

Кривична за малолетничка од Кочани која психички вознемирувала дете
-

Сообраќајка помеѓу два електрични тротинети во Скопје управувани од 62-годишна жена и малолетник
-

Куманово: Тешко повреден малолетник во сообраќајка
-

ФЕД го назначија Пауел за привремен претседател се додека Ворш не положи заклетва
-

На досегашниот началник на белградската полиција му е одреден 30-дневен притвор
-

Хигиеничар во основно училиште во беровско село снимал ученици со мобилен телефон
-

Ѓорѓиевски: После 30 години решени имотно-правните односи, се довршува булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево, Зелениково, Студеничани...
-

Путин во официјална посета на Кина на 19 и 20 мај
