Македонија
4. October 2024 - 12:13

Еден затвореник ја чини државата 10 илјада евра годишно, како да се реши пренатрупаноста во затворите?

Условни казни и електронски надзор, наместо амнестиии – Ова судиите го нудат како решение за пренатрупаните македонски затвори. Сметаат дека условниот отпуст со заштитен надзор наоѓа мала примена кај судиите од внатрешноста на државата.

Нивните колеги во Скопје многу почесто се одлучувале на такви казни, но како што велат, заради непочитување на мерките од надзорот, осудените често ги праќале и зад решетки.

Управата за извршување на санкции денеска на иста маса седна судии, универзитетски професори и невладини кои заедно ќе бараат начин за намалување на бројот на затвореници.

Во моментов, зад решетки се околу 2.500 лица, а уште толку чекале да почнат со издржување на затворските казни. Според директорот на Управата, еден затвореник, годишно државата ја чини 10 илјади евра, пари кои можеле да се заштедат ако се применуваат алтернативни мерки на казнување.