Македонија
8. January 2024 - 21:15

Еден загинат и еден повреден на свињарска фарма

Трагедија на свињарска фарма во светиниколското село Амзабегово. Еден работник почина, а негов колега се бори за живот, откако се затруле од токсични материи.

Според првичните информации работниците се затруле додека чистеле во еден од објектите на фармата. Првиот работник  со иницијали О.Т на 45 годишна возраст, паднал во септичка јама и починал на лице место, а вториот 53 годишен, е пренесен на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Од Клиниката за токсикологија информираат дека, според очевидци, примениот пациент пристапил до јамата за да му помогне на колегата, но заради вдишување на голема концентрација амонијак ја загубил свеста. Првичните наоди се дека амонијакот направил оштетувања на мозокот, бидејќи лицето не препознава никого, го загубил говорот и манифестира неартикулирани движења. Не чувствува болка и нема крварења, но има потенцијални оштетувања на мозокот, кои ќе се знаат после 48 часа, откако ќе му се направи компјутерска томографија.

Од СВР – Штип потрвдуваат дека трагедијата се случила околу 10.30, а случајот е пријавен половина час подоцна. Увид на местото на настанот извршија екипи од Свети Николе, јавен обвинител, како и трудов и санитарен инспектор. Телото на починатиот работник ќе биде предадено на обдукција.