Македонија
4. July 2024 - 10:10

ДЗР: Одржувањето на магистралните и регионалните патишта во опасност поради сериозните финансиски предизвици на ЈП

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска го објави Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, се наведува во извештајот, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, кое има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста

- ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари, соопштија од ДЗР.

Во извештајот е констатирано дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.

Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари.

Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари.

- Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки. Со извршената ревизија како што претходно беше наведено утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31.12.2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари). На ревизијата не и е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година, соопштија од ДЗР.

Исто така, како што стои во извештајот, е констатирано дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежни објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет (20) дена по приемот и само 150 km изминати, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на ден 27.12.2023 година.

- Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати, се вели во ревизорскиот извештај.

Од извршениот теренски увид во Секциите Струга и Охрид ревизијата утврдила дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што истата поради подложност на надворешни влијанија губи од своите физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење. Условите во кои се чуваат горивото и солта за зимско одржување, се подвлекува, не се во согласност со процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено „примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба‘‘. Дополнително, овие состојби не се во согласност со обврската на ЈП вршењето на својата дејност да го организира на начин со кој се обезбедува заштита и унапредување на добрата од општ интерес.

- Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови утврдено е дека во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 проценти се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба, се додава во ревизорскиот извештај.

Со ревизијата, ДЗР утврдила дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на ЈП.  

Ревизијата меѓу другото констатирала дека во 2022 година, па се до денот на ревизијата Асфалтната база во Штип не работела, а производството на асфалт за оваа база го вршела Асфалтната база во Лепенец.

- Причината за оваа состојба е резултат на извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина, по што издадено е Решение за забрана за работата и укинување на А – интегрирана еколошка дозвола, а поради прекршување на законот за заштита на амбиенталниот воздух. Од извршениот теренски увид и разговори со надлежните лица ревизијата доби информација дека се започнати активности за обезбедување на услови за добивање на интегрирана еколошка дозвола. Надминувањето на оваа состојба е значајно не само за заштита на животната средина, туку и за обезбедување на континуитетот во работата на Асфалтна база во Штип, како и намалување на транспортните трошоци на претпријатието, се појаснува во извештајот.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

За надминување на констатираните состојби, соопштија од ДЗР, дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.