Балкан
14. February 2016 - 15:13

Џон Кери: Албанија се движи во вистинска насока

Албанија е на неопходниот пат во реформите, посебно она што треба да се направи во борбата против криминалот, корупцијата и зацврстувањето на законот и правната држава, оцени американскиот државен секретар Џон Кери по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, во Тирана.

- Албанија се движи во вистинската насока и јас сум убеден дека одговорноста е содржана и во легислативата во однос на борбата против корупцијата, рече американскиот државен секретар, јавува дописникот на МИА од Тирана.

- Бев импресиониран со подготовката на законот за лустрација, од пакетот реформи во правосудството, и би сакал да истакнам дека ова е нешто на што политиката треба да работи напорно за да се постигне. Ова бара поддршка од сите албански граѓани. САД е тука, на ваша страна, но на крајот само Албанците може да ги усвојат соодветните закони и да инсистираат на нивното спроведување, изјави Кери.

Од своја страна премиерот Рама рече дека дел од разговорите се однесувале и на реформите во правосудството. Тој искажал убедување дека Парламентот ќе ги усвои сите закони од оваа сфера во текот на месец март, а тоа убедување го заснова на поттикот што му го дал американскиот прв дипломат.

- Посебно дискутиравме за реформата во правосудството. Им благодариме на САД за големата помош што и ја дале на нашата земја на патот на реформите, како и за несебичната и макотрпна работа на американските експерти. Наша заедничка цел е месец март да биде месец на гласање во  Парламентот и на пакетот на уставните измени, истакна Рама.

Високиот американски гостин на тиранскиот аеродром беше пречекан од претседателот Бујар Нишани, со кого исто така на средбата разговарале за реформите во правосудството.

Според соопштението од кабинетот на претседателот Нишани, тој изјавил дека посетата на Кери е јасен сигнал и потврда за големото пријателство и партнерство меѓу двете земји, во ова време кога опасностите и заканите „се доближиле до Албанија и регионот“.

Кери имаше средби и со шефот на дипломатијата Дитмир Бушати и лидерот на опозициската демократска партија, Љуљзим Баша.

За неговата безбедност се грижеа над 1.500 полицајци, потоа припадници на албанската армија, вклучувајќи ја и гардата, албанската тајна служба, ШИШ и секако американски служби.