Македонија
6. February 2025 - 13:46

Џафери: Албанците систематски се исклучуваат од Министерството за одбрана и Армијата

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска изрази загриженост за, како што оценуваат, влошувањето на состојбата со застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

Пратеникот на ДУИ и поранешен претседател на Собранието, Талат Џафери на денешната прес-конференција истакна дека во последните месеци се спроведува дискриминаторска политика при што Албанците се целосно исклучени од клучните позиции, а забележан е и процес на деградирање на искусните офицери.

-Според последните податоци: Од 10 директори во новата систематизација, ниту еден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во министерството, ниту еден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниту еден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции. Дополнително, ситуацијата се влоши со: Запирање на унапредувањата на албанските офицери и подофицери, иако ги исполнуваат критериумите. Систематско исклучување на Албанците од програмите за воена едукација во странство. Зголемување на говорот на омраза и националистичката реторика, како што беше случајот со Културно-уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ во касарната во Куманово, рече тој.

Џафери оцени дека застапеноста на Албанците во Армијата е на историски најниско ниво, целосно игнорирајќи го принципот на правична и соодветна застапеност.

-Екстремната политизација достигна врв, со партиски назначувања наместо професионални кадри. Во 9-месечниот мандат на претседателката Сиљановска беа унапредени два генерали - началникот на Генералштабот, Лафчиски, доби еден чин и стана генерал-мајор. Полковник Чиплаковски беше унапреден во бригаден генерал. Во исто време, ниту еден албански офицер не доби генералски чин. Напротив, се промовираат генерали обучени во Белград, што се совпаѓа со последната посета на Додик. Ситуацијата во Воено-разузнавачката служба е алармантна: ниту директорот, ниту тројцата негови заменици се Албанци. Првпат по многу години, во трите елитни единици (Волци, Ренџери и Воена полиција) нема ниту еден командант или заменик-командант Албанец, за разлика од претходно, кога Албанците имаа достојна застапеност. Военото воздухопловство е во најлоша состојба од независноста. Застапеноста на Албанците во командите на НАТО е незадоволителна. Модернизацијата на Армијата е запрена. Нема гаранција за испорака на оклопните возила JLTV и Stryker или на противвоздушните системи Mistral. Одбранбената способност и борбената готовност се на најниско ниво. Првпат од независноста, војниците останаа без храна поради неуспех во јавните набавки. Половина од новите војници немаат униформи и носат стари пустински униформи. Условите во касарните се мизерни, а воените возила се застарени и небезбедни, со потекло од 90-тите години. Албанките во Армијата се дискриминирани и немаат застапеност во раководни позиции, што ги принудува многу од нив да ја напуштат земјата.Последниот случај со назначувањето на началникот на Генералштабот од страна на претседателката, без уставна основа и без соодветна процедура, предизвика нов бран незадоволство кај албанските офицери, од кои некои размислуваат да ја напуштат воената служба, рече тој.

Џафери нагласи дека „ДУИ силно го осудува овој пад на стандардите и побара прекин на систематската дискриминација и враќање на правичната застапеност на Албанците на сите нивоа, деполитизација на Армијата и Министерството за одбрана, со стопирање на партиските назначувања и гарантирање на правата и достоинството на албанските воени лица, вклучувајќи еднакви можности за едукација и унапредување“.

-Актуелната состојба е неприфатлива и спротивна на принципите на еднаквост и евроатлантска интеграција на земјата. Ако оваа ситуација продолжи, последиците ќе бидат сериозни не само за Албанците, туку и за стабилноста и професионалното функционирање на Армијата како државна институција, истакна Џафери.