Дво неделен карантин за кинеските работници кои се вратија во Македонија
Во барака во кичевското село Извор две недели во карантин ќе поминат двајцата инженери од Кина кои работат на автопатот Кичево- Охрид. Иако по пристигнувањето на аеродромот во Скопје првичните анализи покажале дека се негативни на коронавирус и други респираторни заболувања, здравствените власти како превентивна мерка одлучиле кинезите уште 14 дена да бидат под епидемиолошки надзор. Тие толкаво време поминале во самоизолација во нивните домови одалечени 1000 километри од Вухан каде е жариштето на вирусот.
- Со заштитна опрема заедно со двајца лаборанти од Одделението за вирусологија ги пречекавме двете лица на аеродромот во Скопје. Постапивме согласно сите критериуми за спроведување епидемиолошки надзор. Разговаравме за нивната здравствена состојба. Согласно протоколите, двете лица се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба во соодветна барака за изолација во кичевското село Извор, рече д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ.
Низ истата процедура за изолација ќе поминат и останатите 50-тина градежни работници од Кина кои наредната недела треба да се вратат во Македонија.За месец дена дежурните лекарски екипи на аеродромот на термалната камера не регистрирале сомнителен случај на Ковид-19 кај патниците кои пристигнале со летовите од Истанбул, Дубаи и Катар.
Според последните информации од МНР стабилна е состојбата на македонецот заразен со коронавирус хоспитализиран во болница во Јокохама, а неговите двајца колеги остануваат на бродот додека не бидат евакуирани сите патници и досега не пројавиле симптоми на болеста. Засега нема информации дали и кога ќе се вратат во земјава.
Украинците пак кои беа евакуирани од Кина во родната земја беа пречекани од стотина демонстранти кои стравувајќи дека ќе им го донесат смртоносниот вирус со шипки и камења фрлаа по автобусот со кој ги превезувале од аеродромот до болницата каде треба да бидат во карантин.
Досега од новиот вирус починаа над 2230 лица, а заразени се близу 75.500 луѓе. 290
Кинези заработија обвиненија дека ширеле Корона. Првите тестирања на вакцината против коронавирусот почнуваат во април.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар